Skip to main content

12-годишната затворска казна за Јованов е мала победа за Обвинителството, рече обвинителот Марковски

Денешниот ден е една мала победа за Обвинителството бидејќи е изречена затворска казна каква што никогаш порано не е изречена во историјата на овој суд, за ова кривично дело и кога станува збор за жртва, имајќи ја предвид должината на казната од 12 години затвор. Обвинителството сепак го задржува правото да се жали и да побара повисока затворска казна, изјави обвинителот Александар Марковски за медиумите пред скопскиот Кривичен суд по објавувањето на пресудата за трагедија во која Фросина Кулакова го загуби животот во јануари годинава на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.

Обвинителот рече дека ова е трагичен настан каде што нема простор за славење или разочарување.

„Во врска со тоа самопризнание, мислам дека придонесе и ефикасната и брза истрага, за што придонесоа и персоналот и напорите на МВР, кои беа на висина на задачата, како и истражителите од ОЈО“, изјави Марковски.

Таткото на Фросина пред судницата извикуваше „Багро судска, затвор за вас“ и порача дека „судот е мафија“. Потоа во изјава за медиумите кажа дека пресудата е срамна и тажна и не исклучи протести.

Судот го осуди Васил Јованов на 12 години затвор врз основа на неговото признание на вина за кривичното дело „тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот“ за усмртувањето на Фросина.

Во образложението, судијката Снежана Марковска кажа дека при одлучувањето судот ги земал во предвид сите олеснувачки и отежнувачки околности. Јованов доби и забрана за управување на возило од Б категорија во времетраење од пет години, а ќе треба и да ги надомести сите трошоци на кривичната постапка.

Поврзани вести