Skip to main content

Викенд без ДДВ – мерка по мерка на граѓаните: Дали има шанси повторно да се активира?

Повторно се активира идејата за враќање на мерката Викенд без ДДВ, како мерка која можe да ја покренe економијата и да даде значителен инпут во подобрувањето на македонската економија.

Оваа е барање на партијата ЛДП. Оттаму тврдат дека Викенд без ДДВ е предлог на ЛДП вметнат во партиската програма уште во 2012-та година и била мерка од претходната влада.

Предлагаме новиот Викенд без ДДВ да има две варијанти. Првата – да се воведе на ниво на целата држава и втората, да се воведе во одделни градови за определени денови, значајни за конкретниот град (викенди, пазарни денови, локални празници итн) – изјави Љубен Аврамовски, портпарол на ЛДП и потпретседател на Либерално-демократската младина.

ЛДП бара мерката Викенд без ДДВ да се воведе пред почетокот на школската година, но и пред Велигден, на цела територија на државата.

Со повторното воведување на оваа мерка граѓаните добиваат поевтини цени, трговците добиваат поголем викенд промет, производите ќе бидат поевтини од 5 до 18%, а целата економија се освежува и добива нов импулс. Намалените државни приходи ќе бидат незначителни во споредба со ефектот кој ќе се постигне од зголемената потрошувачка и кој неколкукратно ќе биде надоместен – посочува Аврамовски.

Аврамовски предлага одредени градови за одредени празници, за време на кои имаат голема посетеност и голем број на туристи однадвор, треба да воведат вакви викенди со цел да се зголеми туристичката понуда и да се привлечат поголем број на гости.

На пример, Охрид би го добил својот викенд за време на Водици, Берово за време на Богородица, Прилеп за Пиво фест-от, Велес за пастрмајлијадата, Струмица за време на карневалот и така натаму – вели Аврамовски и упатува апел до сите за отворена дебата за оваа предлог мерка и нејзината имплементација.

Аврамовски додава дека во ЛДП се убедени во корисноста на мерката и веруваат дека ефектот кој ќе го има значително ќе се одрази како на целокупната, така и на локалните градски економии.

Поврзани вести