Skip to main content

Стеванче Јорданоски е нов претседател на Националната федерација на фармери

Фото: НФФ

Стеванче Јорданоски е избран за нов претседател на Националната федерација на фармери на денешната конститутивна седница на новиот Управен одбор на НФФ и изборната седница на Генералното собрание на здружението, која се одржала на Факултетот за земјоделски науки и храна во Скопје. 

НФФ соопшти дека Јорданоски е долгогодишен член на организацијата и земјоделец од прилепското село Мажучиште, кој се занимава со производство на пченица, тутун, градинарски култури и одгледување на крави, а целото негово семејство егзистира од земјоделство.

– Цел живот работам земјоделство. Ние земјоделците се соочуваме со многу предизвици, како климатски промени, пласман и продаажба на земјоделските производи. Во мојот мандат, заедно со членови на Управниот одбор и Извршната канцеларија на организацијата , ќе се залагам за решавање на овие предизвици и создавање подобри пазарни можности за малите зземјоделци, поголемо вклучување на младите фармери во креирањето на земјоделски политики, како и поголеми поддршки за развој на земјоделските стопанства, истакнал Јорданоски по неговиот избор за претседател на Националната федерација на фармери.

На седница на Генералното собрание на НФФ, за нов претседавач на Собранието е избран Иван Марковски, млад земјоделец и агроекономист кој активно работи на развојот на семејниот бизнис во живинарството. За помошни претседавачи се избрани Каранфилка Тодоровска, пчеларка и огледувачка на смокви, и Милена Ангелова, производителка на пиперка „куртовска капија“ и традиционален ајвар.

Во работниот дел на Собранието, делегатите ги усвоиле Буџетот и програмата за работа на организацијата за 2025 година, како и Наративниот и финансискиот извештај за 2024 година. На Генералното собрание е избран новиот Управен одбор на НФФ во состав: Стеванче Јорданоски – претседател, Иван Вангелов, Ванчо Кировски, Вангелина Пармачка, Васка Мојсовска, Мемет Синани, Зорица Димова и Пере Транталовски.

Свечениот дел од Собранието започнал со едноминутно молчење во знак на почит за трагично загинатите лица во несреќата која се случи пред 40 дена во Кочани. 

НФФ соопшти во рамки на свечениот дел биле презентирани активностите и резултатите на НФФ за 2024 година и доделени благодарници за долгогодишна успешна соработка на Васка Мојсовска, која ја заврши функцијата претседател на НФФ по истекот на нејзиниот мандат. Мојсовска истакнала дека за неа функцијата претседател била огромен предизвик, но, и огромна чест затоа што првпат на оваа раководна функција беше избрана жена земјоделка односно рурална жена. 

-Одговорноста беше голема да се застане на чело на УО и волонтерски, достоинствено без предрасуди да се лобира и да се застапуваат земјоделците пред институциите, потенцирала Мојсовска.

НФФ соопшти дека се обратил и министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Цветан Трипуновски, кој истакнал дека соработката помеѓу Министерството и Националната федерација на фармери е од исклучително значење.

– Националната федерација на фармери претставува глас на земјоделците, потврда за тоа е нивната вклученост при креирање на мерки од страна на Министерството. Нашата грижа како Министерство кон земјоделците ја покажавме и преку распишување на Јавните повици за давање во закуп на земјоделско земјиште во државна сопственост. Распишавме и Јавен повик за доставување на барања за користење на средства од Програмата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој за 2025 година. Јавниот повик се однесува за Мерката 112 – „Помош на млади земјоделци за започнување на земјоделска дејност“. Истиот е наменет за млади земјоделци на возраст од 18 до 40 години, максималната финансиска поддршка по корисник за Мерка 112 изнесува 600.000 денари, односно 100% од направените трошоци, посочил министерот Трипуновски.