Skip to main content

Стејт департмент: Генерално водење бизнис во Македонија е лесно, главен предизвик е корупцијата за која се водат повеќе истраги

Водењето бизнис во Македонија, генерално, е едноставно, а правната структура во голема мера е во согласност со интернационалните стандарди, иако корупцијата претставува континуиран предизвик.

Големите интернационални компании кои оперираат во Технолошките индустриски развојни зони (ТИРЗ) претежно известуваат за позитивни инвестициски искуства и одржуваат добри релации со владини претставници, се истакнува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима за 2025 година.

Во извештајот исто така се наведува дека државата, која е кандидат за ЕУ од 2005 година и членка на НАТО од март 2020 година, продолжува да биде отворена за американски комерцијални инвестиции.

“Сепак, целокупната регулаторна средина во земјата останува комплексна, а честите регулаторни и законски промени, заедно со недоследното толкување на правилата, создаваат непредвидлива деловна средина погодна за корупција.”

Владата вообичаено ги спроведува законите, но постојат бројни извештаи дека одредени службеници сè уште се вклучени во коруптивни активности. Транспаренси Интернешнл ја рангираше Македонија на 88-мо место од 180 земји во својот Индекс на перцепција на корупцијата во 2024 година, со резултат од 40 од 100.

Покрај неколку соопштенија дека Владата работи на унапредување на нови инвестиции, во 2024 година беа забележани лимитирани напори за привлекување нови инвестиции, фокусирајќи се наместо тоа на подобрувања на енергетската ефикасност, финансиска асистенција за ранливите домаќинства и олеснување на инфлаторните притисоци. Сепак, владата ангажираше странски компании и инвеститори за јавни проекти во транспортната и енергетската инфраструктура, стои во извештајот.

Исто така се посочува дека Државната комисија за спречување на корупција отвори неколку истраги поврзани со корупција, вклучувајќи и некои во кои беа инволвирани високи функционери, иако, како што е забележано, само неколку до денес резултираа со кривично гонење.

Дигитализацијата и зелената енергија, како што се нагласува во извештајот, се области кои нудат добри можности за американски инвестиции заради посветеноста на Владата да привлече и поддржи инвестиции во овие стратешки сектори. Како предност на Македонија се посочува и местоположбата на земјата на раскрсницата на паневропските транспортни коридори VIII и X, што е корисно за компаниите бидејќи нивното производство ќе биде поблиску до потрошувачките центри во Европа.

За перспективите на економскиот раст се потенцира дека во 2023 година беше спречен од повисоките цени на енергијата, инфлацијата, нарушени синџири на снабдување заради неизвесноста создадена од војната помеѓу Русија и Украина и забавување на инвестициите.

“И покрај владините стимулативни мерки за помош на закрепнувањето, БДП во 2024 година порасна само за 2,2 проценти, при што реалниот БДП се проценува на 12 милијарди долари.”

Владината поддршка, исто така, го олесни влијанието на кризата врз пазарот на трудот, при што стапката на невработеност во вториот квартал од 2024 година изнесуваше 12,5 проценти.

Во својот План за забрзување на растот, владата постави цели за удвојување на просечната годишна стапка на раст на БДП од 2,5 проценти на 5 проценти во периодот 2022-2026 година, креирање 156,000 нови работни места и намалување на невработеноста на 8,6 проценти, пишува во извештајот на американскиот Стејт департмент за инвестициската клима во земјава.

Поврзани вести