Skip to main content

Средба Димитриеска-Кочоска – Вуковиќ: Македонија го презема претседавањето со ЦЕФ

Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во работна посета на Црна Гора, денеска во Подгорица оствари средба со својот црногорски колега, министерот за финансии Новица Вуковиќ. Главна тема на средбата беше формалното преземање на претседавањето со Управниот одбор на Центарот за развој на финансии (ЦЕФ) од страна на Министерството за финансии, што досега го извршуваше Министерството за финансии на Црна Гора.

Министрите разговараа за идните приоритети на ЦЕФ, особено за улогата на институциите во унапредување на капацитетите за управување со јавните финансии, како и за значењето на соработката меѓу земјите-членки.1

-Посебно внимание беше посветено на планирањето на буџетот во контекст на фискалните правила на Европската унија – одржување на буџетски дефицит под 3 отсто од БДП и јавен долг под 60 проценти. Министерката Димитриеска-Кочоска ги сподели заложбите на Македонија за почитување на овие критериуми, додека министерот Вуковиќ пренесе искуства на Црна Гора во буџетското планирање и следење на фискалната дисциплина. Дополнително, се разговараше за мерките за намалување на јавниот долг и борба против сивата економија. Во тој контекст, беше споменато и усогласувањето на регулативата поврзана со Управата за јавни приходи и Царинската управа, со цел подобрување на фискалната транспарентност, соопшти Министерството за финансии.

Во соопштението, се истакнува дека министрите разменија и мислења за предизвиците поврзани со онлајн купувањата од странство, особено од аспект на царинската и даночната политика, при што беа разменети практични искуства од двете земји.

На крајот, беше заеднички истакната подготвеноста за продлабочување на билатералната и регионалната соработка, како и споделување искуства во евроинтегративниот процес.

Поврзани вести