Skip to main content

Со воз ќе се стига до меѓународниот аеродром

Директорот на Јавното претпријатие „Железници Инфраструктура“, Синиша Ивановски на „ТВ21“ откри дека се планира железничко поврзување на Скопје со Меѓународниот аеродром во Петровец.

„Ова е долго посакувана новогодишна желба која конечно станува реалност. Скопјани ќе можат од центарот директно со воз да стигнат до аеродромот“, објасни Ивановски.

Ивановски, откри серија значајни информации поврзани со новиот договор помеѓу Македонија и Велика Британија, вреден до 6 милијарди евра, од кои околу 2 милијарди се наменети за изградба на новата железничка линија Скопје – Гевгелија.

Според Ивановски, проектот претставува квантен скок во транспортната инфраструктура на земјата и е од суштинско значење за приближување до стандардите на ЕУ.

„Ако само ги санираме старите пруги, а другите земји градат брзи железници, никогаш нема да ги стигнеме. За да бараш полноправно членство, мора да бидеш полноправно способен“, изјави тој.

Новата пруга ќе се гради според меѓународно признатите „ФИДИК“ стандарди, што според Ивановски е побрз и поекономичен модел.

„Целосното проектирање и изведба ќе бидат одговорност на изведувачот. Така ризиците се префрлаат од државата кон компанијата, што ја прави изградбата поефикасна“, појасни директорот.

Во рамките на проектот, ќе се направи делумна реконструкција на трасата со цел отстранување на кривините и овозможување на брзини до 160 километри на час за патничките возови.

„Со моменталната конфигурација тешко може да се постигне таа брзина. Ќе правиме корекции за побрз и побезбеден транспорт“, истакна Ивановски.

Дел од инвестицијата ќе биде насочена и кон обезбедување на безбедноста на пругата, со изградба на непристапна заштитна ограда долж трасата.

„Кражбите се секојдневие, а штетите се десетици илјади евра. Ќе инсистирам на целосно оградување на пругата“, предупреди тој.

Дополнително, се работи и на ревитализација на скопскиот градски воз, со три главни краци – Ѓорче Петров, Миладиновци и Зелениково. Иако за целосна модернизација се потребни 47 милиони евра, се планира итно оперативно решение на релацијата Зелениково – Централна станица со замена на делови од постојната инфраструктура и воведување редовни возови, поддржани од мали автобуси од ЈСП кои ќе ги собираат патниците од населбите.

На темата изградба на пругата кон Бугарија, Ивановски беше дециден:

„Се гради, но има проблеми. Таму каде што е лошо, ќе се руши. Мостовите мора да траат 100 години. Нема компромис со квалитетот.“

Според него, делницата Куманово – Бељаковце е веќе завршена, додека на делот Бељаковце – Крива Паланка прогресот е околу 30 проценти.

Новата железничка визија која ја претстави директорот на „Железници Инфраструктура“ претставува амбициозен план кој, ако се реализира според најавите, може драстично да го промени транспортниот пејзаж на Македонија.

Поврзани вести