Skip to main content

РЕК Битола работи со зголемен капацитет

АД ЕСМ информира дека ТЕ Битола 2 е успешно синхронизиран со електроенергетскиот систем вчера во 18:24 часот. Термоблокот веќе испорачува електрична енергија според потребите на Универзалниот снабдувач ЕВН Хоум.

Ова брзо оспособување на Блокот е резултат на натчовечкиот напор и посветеност на вработените во комбинатот, кои работеа неуморно за да го вратат во функција во најкус можен рок, велат од компанијата.

АД ЕСМ упатува јавна благодарност до сите кои учествуваа со свој стручен придонес во санацијата на опожарената опрема и воспоставување на обновен систем за електронско управување.

Поради очекуваниот зголемен конзум за време на најавениот топлотен бран, денеска во попладневните часови ќе започнат активности за привремено ставање во функција и на Термоблокот Битола 3, а гасење на ТЕ Осломеј. Се очекува Битола 3 да биде синхронизиран на мрежа кон крајот на денот, со што во деновите на зголемена потрошувачка РЕК Битола ќе работи со две третини од својот инсталиран капацитет.

Ова значително ќе придонесе кон понатамошно зачувување на хидропотенцијалот во услови на зголемен и целосно покриен конзум.

И покрај непланираниот застој на производството на ТЕ Битола 2 поради причини кои се предмет на истрага кај соодветните институции, АД ЕСМ презеде брзи мерки. Во изминатите денови беше зголемено производството од хидроелектраните, а со оптимизација на потенцијалите, резервите на вода за производство на електрична енергија и натаму се задржани на ниво од 50 отсто, велат од АД ЕСМ.

АД ЕСМ продолжува внимателно да ја следи состојбата со топлотниот бран, соодветно реагирајќи со балансирано производство во согласност со потребите на системот.

Поврзани вести