Skip to main content

Од Дебар до Тирана ќе се вози еден час, на 14 март ќе биде пуштен во употреба тунелот Муриз

Со пуштањето во употреба на тунелот Муриз, најавено за 14 идниот месец, кој е дел од автопатот „Патот на Арбр“ (Руга е Арбрит) од граничниот премин „Блато“ кај Дебар, до Тирана ќе се стигнува за еден час.

– На 14 март ќе го отвориме големиот тунел Муриз за пристап за сите возила, а ќе продолжиме со работа на помошниот тунел, кој е за итни случаи. Со пуштањето за сообраќај на овој тунел од Дебар Македонија до Тирана ќе се пристигнува за еден час, објави на Фејсбук вицепремиерката, воедно и министерка за инфраструктура и енергетика на Албанија, Белинда Балуку по извршениот увид во работите.

Според неа со пуштањето во сообраќај на тунелот го прави достапен целиот автопат, во должина од 74 километри, наспроти над 180 колку што изнесуваше претходно.

-Со должина од околу 74 километри „Патот на Арбр“ ќе стане важен коридор за поврзување Исток-Запад. Не само што ќе ги доближи граѓаните на Тирана и на цела Албанија со Дебар и Македонија, туку ќе биде и артерија на економскиот развој и туризмот. Исто така, оваа патна оска ќе биде најкратката рута што ќе ја поврзува Тирана со Пешкопеја, како и со Македонија, Дебар, Тетово и Скопје, така што ќе биде меѓународен пат за поврзување, објави Балуку.

Тунелот Муриз започна да се отвора во мај 2019 година, но работите одеа многу побавно од предвиденото, поради тешката геологија и лизгањето на земјиштето. Тој е со должина од 3,78 километри со два дела, за редовен сообраќај и за итни случаи. Севкупно, автопатот има 7 тунели, со вкупна должина од 8,5 километри, како и 4 моста, едниот од нив, со 158 метри е највисок на Балканот.

Автопатот за сообраќај беше пуштен на крајот од ноември 2021 година, од кога во контиунитет се зголемува фреквенцијата на патници на преминот „Блато“. Така, минатата година, според македонското МВР, на влез и излез регистрани 834.345 патници, од нив странски 672.062 и 162.283 македонски државјани. Споредено со претходната година бројот е поголем за 120.086 патници.

Поврзани вести