
Раст на трговската размена со САД и привлекување нови инвестиции се во фокусот на ефективните трговски политики што ги спроведува Царинската управа. Во целост се применуваат најновите измени на Законот за царинска тарифа – со што увозот со потекло од САД е целосно ослободен од царински давачки. Ова беше клучната порака на директорот на Царинска управа Бобан Николовски на средбата со економскиот аташе на амбасадата на САД, Барнабас Биркланд и економскиот советник Јордан Дамчевски.
Оваа посета е значајна можност за унапредување на соработката, особено во реализацијата на заедничките приоритети – спроведување ефективни трговски политики кои ќе го зголемат обемот на трговската размена и ќе привлечат нови инвеститори од САД. Економската трансформација преку подобрена трговска политика и борба против криминалот и корупцијата е стратешки приоритет за двете држави. Во овие напори, Царинската управа има витална улога преку олеснување на легалната трговија и создавање подобра бизнис-клима и обезбедување стабилен и одржлив економски раст – истакнал Николовски.
На средбата, како што информира Царинската управа, економскиот аташе на Американската амбасада, потенцирал дека добрата соработка е клучна за напредокот и потврдил дека Амбасадата на САД негува одлични релации со Царинската управа – соработка што ќе продолжи и во иднина.