
Владата преку Министерството за транспорт досега инвестирала или во моментов инвестира вкупно 165 милиони денари во инфраструктурни проекти во Општина Гевгелија, најавувајќи дека поддршката ќе продолжи и во наредниот период со нови капитални инвестиции, меѓу кои и изградба на нов влез во градот.
Ова денеска го соопшти вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски при посетата на Гевгелија, каде изврши увид во реализацијата на инфраструктурни проекти.
„165 милиони денари се сериозна инвестиција ако се има предвид големината на општината и нејзиниот буџет. Покрај улицата што ја посетивме денес, завршена е изградбата на улицата „Новопланирана“ во вредност од 2,4 милиони денари, парк со детско игралиште на улицата „Деко Ковачев“ вреден 7,1 милион денари, реконструкцијата и рехабилитацијата на дел од булеварот „Гевгелија“ и натпатникот на улицата „Железничка“, како и реконструкцијата на улици во селата Моин, Прдејци и Богородица. Завршена е и третата фаза од Западниот булевар, проект вреден 30,8 милиони денари, реализиран со средства од Министерството за транспорт и поддршка од Светска банка“, рече Николоски.

Tој оцени дека новото инфраструктурно решение ќе му даде целосно нов изглед на овој дел од Гевгелија.
„Ова е прекрасен проект кој ќе му даде нов лик на градот. Ќе ја врати автентичноста на просторот, но истовремено ќе внесе и современи елементи. Целата инфраструктура е поставена подземно, а новото подземно осветлување ќе создаде сосема поинаков амбиент во вечерните часови. Верувам дека тоа ќе придонесе за зголемување на вредноста на околните имоти, но и ќе отвори можности за развој на угостителски објекти и привлекување повеќе посетители од земјата и странство“, истакна министерот.
Николоски потсети дека Владата и Министерството за транспорт обезбедиле поддршка за овој проект во вредност од околу 81 милион денари, а најави дека веќе се подготвува продолжување на уредувањето на просторот.

„Се работи на решение со кое проектот ќе продолжи од градската библиотека до крајот на оваа улица и сериозно ќе ја разгледаме можноста да го поддржиме и тој проект. Пред неколку дена разговаравме со градоначалникот и за нов влез во градот, кој ќе биде обврска на Министерството за транспорт. Официјално можам да најавам дека ќе работиме на реализација на нов влез во Гевгелија“, изјави Николоски.

Македонски



