Skip to main content

Инфлацијата се намали, борбата за нејзина контрола продолжува

Последните статистички податоци за инфлацијата во јуни во Македонија се охрабрувачки. Имено стапката на инфлација во јуни бележи намалување, со што до некаде е ублажен трендот на раст, забележлив во претходните месеци. Растот на цените на храната, станбениот квадрат, услугите, последниве години е постојано на удар на геополитичките, но и случувањата од другите области. Прво короната беше таа што го запали фитилот на раст на цените, па на тоа се надоврза руско-украинскиот конфликт, за последниот удар да биде зададен од војаната на Блискиот истокт. И сите овие имплуси, како и климатските промени кои сериозно негативно влијаат врз производството на храната, и тоа како влиајеа врз цените. Јунската инфлација покажува некоја стабилизација на цените, што значи закрепнување на семејните буџети, а сето тоа упатува на тоа дека со владина стратегија и волја за помош на граѓаните, може многу да се постигне. Забавувањето на растот на цените претставува позитивен сигнал за економијата и за домашните буџети, иако цените на дел од производите и услугите се уште остануваат повисоки во споредба со претходната година.

Трошоците на живот во јуни на месечно ниво бележат пад од 0,5 %, а со годишна инфлација од 3,4 % (јуни 2026 наспроти јуни 2025) Македонија има релативно пониска и постабилна годишна инфлација во споредба со поголемиот дел од земјите во регионот.

Според објавените податоци, намалувањето на инфлацијата е резултат на послаб раст на цените во повеќе категории, меѓу кои храната, енергенсите и дел од услугите. Економските аналитичари оценуваат дека ова укажува на постепена стабилизација на пазарот, но предупредуваат дека и понатаму е потребно внимателно следење на економските движења.

Со стапка од 3,4 %, Македонија има пониска инфлација од Грција, Бугарија и Хрватска, а сме речиси изедначени со Словенија. Инфлацијата во јуни годинава во Грција изнесува 3,9 проценти, во Бугарија 5,6, во Хрватска 4,5, Словенија 3,6, а во Турција инфлацијата изнесува високи 32,11 %. За другите земји од регионот последните достапни податоци се за мај, каде што Косово води со 6,8 % по што следуваат БиХ 5,6 %, Црна Гора 3,6 %, Србија 3,5 % и Албанија со стапка од 3 %.

Споредбено, податоците покажуваат огромен напредок во скротувањето на ценовните шокови во изминатите четири години. Ако во јуни 2022 година, на почетокот на воената криза во Украина, Македонија се соочуваше со двоцифрена и алармантна инфлација од дури 14,5 %, денес, во јуни 2026 година – и покрај новите глобални геополитички тензии меѓу САД и Иран – домашната инфлација е сведена на само 3,4 %., што е намалување на притисокот врз цените за речиси четирипати во споредба со врвот на енергетската криза пред четири години.

Надлежните институции посочуваат дека трендот на намалување на инфлацијата е охрабрувачки и дека мерките насочени кон одржување на ценовната стабилност даваат резултати. Сепак, тие нагласуваат дека ќе продолжат со следење на состојбите на домашниот и меѓународниот пазар, за да се спречат нови ценовни шокови.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека економските политики на Владата даваат резултати, наведувајќи дека пазарот се стабилизира, инфлацијата се намалува, а цените на храната бележат пад.

Според партијата, владините мерки за намалување на цените на нафтените деривати придонеле Македонија да има едни од најниските цени на енергенсите, што, како што наведуваат, влијаело и врз намалувањето на цените на прехранбените производи.

Граѓаните пак очекуваат позитивните економски движења да придонесат за поголема куповна моќ и постепено намалување на притисокот врз семејните буџети. За експертите одржувањето на ниска и стабилна инфлација ќе биде еден од клучните предизвици за економската политика и во наредниот период.

Поврзани вести