Skip to main content

Нема веќе „ќе си нарачам евтино од Тему“: Доаѓа ерата на поскапи пратки

Најпопуларата платформа за онлајн нарачки Тему доживеа вистинска експанзија на македонскиот пазар последнава година. Се она што неможе да се најде во земјава или пак е скапо, си го нарачуваме од Тему или Алиекспрес. И пратките стигнуваа без трошоци за достава, некогаш погодени, некогаш не, но кога се плаќа некој ситниш за нарачката, и не е толку страшно, ако не се погоди. Во глобала порано Алиекспрес, сега Тему е секогаш добра опција за набавка на ситнурајки, облека, постелнина, аксесоари. Но веќе се гледа крајот на евтините нарачки од овие страници.

Имено, Владата усвои измени и дополнувања на Законот за данок на додадена вредност, со кои се укинува ослободувањето од ДДВ за онлајн пратки во вредност до 22 евра, со цел зајакнување на домашната економија, поддршка на локалните компании и создавање нови работни места. Законските измени веќе се во собраниска процедура, а нивното спроведување се очекува да има директни позитивни ефекти врз економијата и работењето на домашните компании, тврдат од Министерство за финансии.Според нив заштедата од оваа мерка би бил околу 4 милиони денари месечно.

Со оваа мерка, околу 4 милиони денари месечно, колку што во одредени периоди изнесува прометот кон странските онлајн платформи, ќе се пренасочат кон домашното стопанство. Овие средства ќе придонесат за развој на локалните компании, отворање нови работни места и исплата на повисоки плати на вработените. Ова претставува значаен чекор во заштита и поддршка на домашната економија, особено во услови на зголемена глобализација и дигитална трговија – сметаат од МФ.

Според нив измените би требало да помогнат во намалување на сивата економија, имајќи предвид дека досегашниот систем овозможуваше злоупотреби – односно увоз на стоки ослободени од данок кои понатаму се продаваат на домашниот пазар.

Со оваа измена, државата испраќа јасен сигнал на поддршка за домашните компании кои создаваат додадена вредност и вработуваат граѓани во земјата, нагласуваат од МФ.

Измените на законот на ДДВ во однос на малите пратки, се очекува да ѝ отвори дополнителна работа на Царината, а на граѓаните да им ги зголеми трошоците и времето на чекање за нарачаните производи.

Инаку Анализите на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија – АЕТМ неодамна покажаа дека во првата половина од 2025 година вредноста на вкупните трансакции направени кон е-продажни места од Македонци дома и во странство, како и од иматели на странски картички изнесува 456.3 милиони евра, што преставува пораст од 34.3% во однос на истиот период минатата година.

Македонците во странство направиле онлајн трансакции во вредност од 201,2 милиони евра односно 55,1 отсто пораст во однос на истиот период лани. Анализите посочуваат дека македонските граѓани прават голем број нарачки, но со помала вредност. Овој тренд најмногу се поврзува со појавата на Тему, кој за кратко време привлече голем број на купувачи со широка понуда, ниски цени и бесплатна достава дури и за најмали нарачки.

Само во јуни македонските граѓани нарачале 250 тони стока од Тему. Дури 95 тони од оваа стока се пратки со вредност до 22 евра и за нив не се платени никакви давачки. За остатокот, 153 тони, се платени давачки во износ од 678 илјади евра (41,7 милион денари), покажуваат податоците на Трговската комора при Сојузот на стопански комори.

Сојузот на стопански комори на Македонија ја поздравува иницијативата на Владата за укинување на ослободувањето од ДДВ за пратки со вредност под 22 евра, кои досега пристигнуваа преку платформи како Тему и Алиекспрес без да бидат оданочени.

Според нив, оваа мерка ќе придонесе за воспоставување рамноправна конкуренција на пазарот и ќе стави крај на нелојалните услови меѓу домашните и странските компании кои продаваат преку интернет.

Гледајќи низ призмата на бизнисот, овој закон создава правилна и правична конкуренција помеѓу компаниите кои се регистрирани во нашата држава и оние онлајн платформи кои досега работеа без оданочување. Со оваа мерка се воспоставува правичен конкурентски оквир, каде сите компании ќе можат рамноправно да пристапат до купувачите. Сметаме дека ова е исправен чекор и дека во иднина треба да се продолжи во оваа насока. Со оваа законска измена околу 4 милиони денари ќе се вбризгаат во домашниот буџет. Можеби тоа е капка во морето, но секој исправен чекор кој создава правичност е добредојден и придонесува за вистинска, правилна конкуренција меѓу компаниите – велат од Сојузот на стопански комори.

Автор: Александрија С. Николовска

Поврзани вести