
На владина седница во вторник ќе се дискутира за солидарниот данок. Има голем дел компании што се откажаа од затезната камата, а нема компании што се откажале од главниот долг, рече на денешната прес-конференција министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, одговарајќи на новинарско прашање.
Во однос на солидарниoт данок, на последната владина седница, на зaтворена седница требаше да носиме одлука за повеќе информации, за износите, произнесувањето на одредени компании. Знаете дека податоците од Управата за јавни прихпди (УЈП) имаат третман на даночна тајна и не може да се дискутира на отворена седница на Влада. Но, имаше некои причини поради коишто таа седница се одложи за следниот вторник, кога точно ќе биде известена и Владата. Има голем дел од компаниите што се откажаа од затезната камата. Нема компании коишто се откажале од главниот долг. Значи, она што го уплатиле не се откажуваат, но има многу од нив коишто се откажуваат од каматата, рече министерката во во Медиа центарот во Владата.
Најголем дел од компаниите, како што рече, го прифатија нашиот предлог за отплата на две години, во март 2026 и 2027 година, но има и такви коишто не прифатија и понудија други услови за враќање на средствата.
Сето тоа треба да помине на владина седница, да ја информираме Владата и потоа ќе информираме подетално. Од аспект имињата на компаниите, ќе треба уште еднаш да се провериме согласно закон, дали имаме можност да ги кажеме сите компании, која што побарала и како. Пак ќе кажам, има третман на даночна тајна, и мислам дека не би било коректно вака транспарентно да се каже кој се откажал, кој не се откажал од каматите итн., појасни Димитриеска-Кочоска.

Македонски







