
Премиерот Христијан Мицкоски смета дека апсолутно е транспарентен начинот на кој се објавуваат вестите поврзани со стратешкото партнерство со Велика Британија. Тој денеска во одговор на новинарско прашање за овој договор и за инвестициите во Македонски железници истакна дека никогаш нема да дозволи во Парламентот на шверцерски начин да се усвојуваат закони со европско знаме, како закон за изградбата на автопатските делници на Коридорот 8 и 10Д од страна на конзорциумот „Бехтел и Енка“.
Нема никогаш да си дозволиме на шверцерски начин со европско знаме повторно да поминуваме Закони, какошто беа измените во Кривичниот законик, кога голем број од потенцијални политички осомничени или во процедура понатаму осудени лица беа амнестирани вклучително и цела една гарнитура, којашто беше седум години. Знаете како, не треба јас да ве потсетувам за каков криминал стануваше збор, од првиот ден кога дојдоа, па се до последниот ден, кога потпишаа една сомнителна одлука од 250 милиони евра, со којашто практично го зголемија буџетот за изработка на проектите на Коридорите 8 и 10Д, па ние на Владина седница тоа го поништуваме, изјави Мицкоски.
Тој додаде дека како Влада се транспарентни и работи во интерес на граѓаните, а какошто рече стратешки е многу важно како држава, како ќе се позиционираме.
Нашиот потенцијал е да се развиваме, да бидеме држава преку три паневропски Коридори, која ќе биде поврзана со Европа и со светот. Тоа се Коридорите 8 и 10Д, коишто се пресекуваат на територијата на нашата земја, а со отсечката којашто планираме да ја направиме во делот на Струмица, под Беласица планина, односно подножјето на планината Беласица и со Коридорот 11, со тоа практично ќе бидеме поврзани со сите регионални пристаништа. Во таа насока е изградбата и модернизација на пругата, којашто е дел од Коридорот 10, рече Мицкоски.
Премиерот Мицкоски во одговорот додаде дека физибилити студии и проекти има многу и за тоа никој не треба да има дилема.
Сигурно јас како инжинер не би си дозволил да влеземе во авантура во којашто ќе нема позитивен крај, се разбира се пресметуваше внатрешната стапка на поврат или економистите го викаат ИРР и очекуваме десеткратно зголемување на приходите од страна на Македонски Железници во годините, кога ќе го достигне максималниот пик, а тоа е кога ќе биде изградена и модернизирана пругата, изјави Мицкоски.
Во однос на начинот на задолжување рече дека Министерството за финансии по претходно барање на Македонски Железници Инфраструктура ќе се обрати до дваесеттина финансиски институции од светот и ќе направи т.н мини тендер.
Онаа институција, која под тие услови ќе даде најдобри услови за финансирање на овој проект, таа институција ние ќе ја прифатиме и со таа институција ќе потпишеме договор, којшто ќе биде дел од овој Влада со Влада договор за Стратешко партнерство помеѓу двете земји. Понатаму, кога ќе се работи проектот, бидејќи проектот по овие фидиг процедури подразбираат, дали проектот го имаме готов проект основен, ревидиран или ќе се проектира во од и ќе се гради, ако ние имаме готов проект и треба да го изведуваме тогаш е една процедура според фидиг, а ако ние немаме таков проект, имаме само физибилити студија итн. Тогаш изведувачот ќе треба да го проектира и додека го проектира го изведува, подвлече Мицкоски.
Тој образложи дека принципот е таков и во таа насока државата има ангажирано реномирана Британска компанија, којашто ќе биде консултант во целиот овој процес, којшто е експерт според фидиг правилата, а ваквиот начин на изведба на проекти, коишто не се невообичаени и се градат насекаде во светот.
На крајот од денот, што добиваме? Добиваме најмалку десеткартно зголемување на приходите на Македонски Железници и инфраструктура. Добиваме значајно геостратешко место, поради Коридотот 10, којшто е многу значаен и истовремено дел од парите, којшто беа наменети за модернизација на Коридорот 10, а се дел од Планот за раст, ги реподнесовме за модернизација на дел од Коридорот 8, односно на електрификација и модернизација на пругата, којашто ќе ги поврзува Скопје со Гостивар, којшто веќе постои, рече Мицкоски.
Претседателот на Владата, Мицкоски истакна дека како инжинер нема никогаш да дозволи нелогични работи, какошто изјави “второ, како човек-педагог, којшто излегол од оваа институција нема да биде ништо на штета на македонските граѓани и трето силно сум убеден дека иднината на Македонија и на македонските граѓани е во таа насока, во којашто зборувам“.
Прашан дали ја има добиено проекцијата на Фискалниот совет колку би бил јавниот долг во однос со задолжувањето, Мицкоски одговори дека се уште ја нема добиено.
Не, не сум го добил се уште, но ќе го разгледам, се разбира, изјави премиерот Мицкоски.