Skip to main content

Дурмиши: Државата е решена системски да ја сузбива сивата економија

Bruno from Pixabay

Формализацијата на сивата економија е една од највисоките стратешки определби на Владата и клучен сегмент од реформската агенда, зашто директно влијае врз економскиот раст, стабилноста на јавните финансии и заштитата на работниците. Податоците на Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2024 година во земјава имало околу 694 илјади вработени, од кои приближно 85 илјади биле неформално ангажирани. Тоа е сериозен предизвик кој бара системски решенија, рече денеска министерот за економија и труд, Бесар Дурмиши на настанот во Владата по повод презентација на Законот за работно ангажирање лица.

Со Законот, напомена Дурмиши, се воведува пофлексибилен и поедноставен модел за легално ангажирање, со јасна правна рамка и електронски процедури за пријавување, одјавување и уплата на придонеси. Законот овозможува ангажирање на вработени, невработени, студенти, ученици и пензионери, без губење на нивните веќе стекнати права. Корисниците на гарантирана минимална помош не ги губат социјалните и детските права, невработените не се бришат од евиденцијата и не го губат паричниот надоместок, пензионерите го задржуваат правото на пензија, а студентите и учениците ги задржуваат правата од образовниот систем.

-Со овој Закон испраќаме јасна порака дека државата е решена системски да ја сузбива сивата економија и активно да ја поддржува формалната економија. Тоа значи повеќе формални работни места, поголема сигурност за работниците и стабилна, предвидлива и фер деловна клима за компаниите кои инвестираат и придонесуваат за растот на македонската економија, подвлече Дурмиши.

Министерството, како што беше најавено на настанот, ќе почне кампања за промоција на Законот под мотото “Фер ангажман”.

Со овој Закон, посочија учесниците, Владата испраќа и недвосмислена порака дека реформите во областа на трудот не се декларативни, туку реални и применливи. Формалната економија, заштитата на работниците, фер конкуренцијата и дигиталната трансформација се заедничка одговорност и заеднички интерес за сите, особено за државата.

-Во првата фаза, Законот ги опфаќа дејностите каде што сивата економија е најизразена – земјоделството, шумарството, рибарството, објектите за сместување, сервисните дејности за храна и дејностите во домаќинствата. Според анализите, се очекува формализација на до 12.000 сезонски работници во земјоделството и околу 5.400 непријавени работници во туризмот, угостителството и услугите, односно вкупно опфаќање на околу 17 400 лица, подвлече министерот.

Според него, оваа реформа носи конкретни придобивки и за работниците и за работодавачите – работодавачите добиваат флексибилност и поедноставени административни постапки, а работниците исплата по час, придонеси за пензиско и инвалидско осигурување, дополнителен придонес за задолжително здравствено осигурување во случај на повреда при работа или професионално заболување, како и јасна правна заштита на нивните права.

– Денес зборуваме за Закон што веќе е во употреба и претставува значаен исчекор во уредувањето на пазарот на трудот. Законот за работно ангажирање лица почна да се применува од 1 јануари 2026 година, а тековниот период беше наменет за техничка и институционална адаптација, со цел неговата имплементација да биде ефикасна, усогласена и функционална во пракса. Министерството за економија и труд и досега спроведуваше активни политики преку Оперативниот план за вработување, но анализите покажаа дека дел од лицата и понатаму остануваат надвор од формалните текови. Токму затоа беше донесен овој закон, кој претставува суштинска реформа во начинот на повремено и сезонско ангажирање на работна сила, рече Дурмиши.

Тој упати посебна благодарност до Германско друштво за меѓународна соработка(ГИЗ) за експертската и техничката поддршка во процесот на подготовка и имплементација на законот, до Агенцијата за вработување, Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и до сите институции кои беа директно вклучени во воспоставувањето на функционален и ефикасен систем.

Поврзани вести