
Воведувањето на царини кон производи што влегуваат во Америка, е тема која со недели го држи на готовс вниманието на државите, економиите, аналитичарите. Таман претседателот на САД, Доналд Трамп ги објави царините за увоз од сите земји, вклучително од ЕУ и Македонија, и почна примената на царините, Трамп се предомисли. Неговите одлуки се премногу брзи, диманични, променливи и неизвесни што ретко кој може да ги следи! Тој реши засега на сила да останат супертарифите од 125 отсто за Кина, но и 90-дневна пауза на новите „реципрочни царини“ за повеќето земји, за да се овозможат преговори, за кои во меѓувреме тарифите ќе се спуштат на ниво од „универзални 10 проценти“, што претставуваше причина за буквално подивување и раст на светските берзи, кои до вчера бележеа пад на акциите. Сепак за ЕУ, овие 10 проценти царина се сепак важно зголемување, бидејќи во просек претходните царини беа под 3 проценти за европското производство кое влегува во САД. И од сите производи увезени во Соединетите држави, над 87 отсто биле предмет на царини помали од 10 отсто во 2023 година, според податоците на Светската трговска организација.
Додека сите се прашуваат која е следната одлука на Трамп, се наметниува прашањето каде се наоѓа Македонија во оваа трговска војна на најголемите? Пред неколку дена Трамп објави дека според нивната пресметка ние применуваме царина од 65 отсто за американски производи, поради што тој воведе царини од 33 отсто за нашите производи кои се извезуваат во САД. Сега тој процент доби 90 дена грејс период, а во меѓувреме ќе се применува царинска стапка од 10 проценти, барем засега,
Податоците говорат дека десетте најмногу увезувани производи од САД, меѓу кои машини, електрични детонатори, барут, производи за индустриско склопување на возила, делови за возила, специјални возила, алуминиумхидроксид и полимери се со царинска стапка нула, додека увозот на оружје е со царинска стапка 7 проценти, а на лешниците 15 проценти.
Притоа Министерството за одбрана е најголем увозник на производи од САД.
Минатата година нема увоз на производи од САД со повисока царинска стапка од 15 проценти.
Во однос на извозот во САД освен автобусите од ВДЛ Ван Хоол, Македонија најмногу извезува тутун во лист, мадраци, ајвар, полнети чоколада, електрични кондензатори, муниција и нејзини делови, други машини и уреди, електрични спроводници за во телекомуникациите, изјавија од Царинската Управа на Македонија, за „Република“.
Во однос на прашањето дали постои царинска стапка од 65 проценти за увоз од САД оттаму известуваат дека највисоката царинска стапка во законодавството е 60 проценти и се однесува на увоз на цигари, но истите не се увезени од САД во последните години.
Треба да се појасни дека за одредени производи, од кои најмногу земјоделски, се применуваат мерки за заштита на домашното производство при што на царинската стапка која изнесува од 30 до 45 проценти се додава одредена вредност од килограм (прелевман) при што вкупната наплата на царината не смее да биде повисока од 65 проценти. Овие давачки согласно законот за царинска тарифа се применуваат за сите држави со кои имаме трговска размена. При што со цел јавноста да има јасна слика, ве информираме дека вакви производи не се увезени од САД – додаваат од македонската царина.
На прашањето како американските царини ќе се одразат на нашата економија, од царината посочуваат дека се вршат темелни анализи на состојбите, се со цел преземање на мерки со цел подобрување на трговската политика со САД како едни од нашите најважни стратешки партнери.
Премиерот Христијан Мицкоски, додека траеше најавата за воведување на 33 отсто царина за Македонија од страна на САД поради наводните 65 отсто царини кон америкснките производи, нагласи дека одлуката е грешка или резултат на погрешна информција. Тој најави корекција на царините, кои во меѓувреме се ставија на пауза од 90 дена, а во меѓувреме ќе се применува царина од 10 отсто. Очигледно контактите и напорите за санирање на последиците од американските царини на нашата Влада, вродија со плод.
Ние работиме со нашите партнери од САД. Очекувам многу скоро да се корегира ова коешто очигледно е резултат на некаква грешка, или погрешна информација. Имајќи предвид дека нашата трговска размена со САД во 2024 е во негатива, односно сме во дефицит. Тие држави кои што се во дефицит, практично немаат ваков тип на зголемување на давачките- изјави Мицкоски пред неколку дена.
Тој посочи дека Владата била во контакт со Амбасадата на САД, Министерството за Економија, и со кабинтетот на претседателот Трамп. Министерот за надворешни работи Тимчо Муцунски во Брисел при средбата со Државниот секретар Марко Рубио разговарал за излегување од состојбата во која што САД ја ставиле нашата земја.
Премиерот тогаш не откри што точно се разговарало со партнерите од САД, само изјави дека се работи за сензитивен процес и дека јавноста детално ќе биде информирана тогаш кога процесот ќе заврши.
Според формулата на Белата куќа за пресметување реципрочни царини, предвид се зема дефицитот во трговската размена, но само на добра, а не на услуги. Така, според податоците на Државниот завод за статистика, Македонија има дефицит во размената со САД во 2024 година ако се сметаат добрата и услугите, но ако се исклучат услугите и предвид се земе само трговијата со добра, тогаш САД има дефицит во 2024 година од околу 113 милиони долари.
Мора да се нагласи дека крајната цел на Трамп со воведувањето царини, не е да ги таргетира само трговските партнери, туку тој се обидува да ги заштити националните индустрии и да поттикне масовни инвестиции во САД.
Автор: А.С.Н.