
Специјалниот суд против корупција и организиран криминал, денеска, му изрече затворска казна на Јорго Горо, поранешен градоначалник на Химара, град кој се смета за бисер на албанскиот брег.
Судот му одреди казна во траење од три години и еден месец, но поради неговата согласност за скратен судски процес, во затвор ќе остане две години и 20 дена.
Поранешниот градоначалник на Химара е обвинет за злоупотреба на службената положба во два случаи, како и прикривање имот.
Горо преку фалсификување документи ја сменил сопственоста на земјиште од над 10 илјади квадратни метри во елитното туристичко место Дерми.
Дел од земјиштето (5.500 м2) од државна го преиначиле во приватна сопственост. Во вториот случај направиле обратно, од приватна во државна сопственост запишале пет илјади квадратни метри. Истото му го продале на Артан Гачи, сопруг на поранешната шефица на дипломатијата, Олта Џачка, кому, под образложение „стратешки инвеститор”, му издале и одобрение за градба на туристички комплекс.
По избивањето на скандалот Џачка експресно беше сменета.
Во двата случаи земјиштето е одземено, како и дел од имотот на инволвираните општински раководители, кои исто така добија казна затвор.
Ова е последователна судска пресуда на високи функционери. За корупција и злоупотреба на службената положба се осудени повеќе градоначалници, неколку министри, како и високи раководители во министерствата.
Под обвинение за корупција, злоупотреба на службената положба и перење пари во затворски притвор е Ерион Велиај, градоначалник на Тирана.