
Косовските институции спроведуваат засилени контроли на млечните производи на тамошниот пазар, откако лабораториски анализи покажале неправилности кај повеќе производи на еден производител, вклучително и присуство на растителни масти, палмино масло, млеко во прав и скроб кои не биле соодветно наведени на декларациите.
Случајот привлече поголемо внимание откако Агенцијата за храна и ветеринарство на Косово презеде мерки против операторот Абразен (Abrazen), поврзан со млекарницата Вита (Vita), и нареди повлекување на 12 производи од пазарот.
Според објавените наоди, меѓу анализираните производи имало и четири примероци од производи што се продавале како млеко. Кај два од нив било утврдено присуство на палмино масло, додека кај други два било пронајдено млеко во прав кое не било наведено во декларацијата.
Како дел од понатамошната проверка, косовското Министерство за земјоделство објави повеќе детали за случајот. Меѓу именуваните производи се најдоа My Cow, Land и Garden Milk, а во пошироките инспекциски контроли биле опфатени и производи под други трговски марки.
Кај Garden Milk, според објавените информации, покрај растителна маст било утврдено и недекларирано млеко во прав. Истовремено, инспекцијата констатирала дека операторот произведувал и 26 производи со растителна содржина надвор од одобрениот опфат на својата дејност, по што производството било запрено до обезбедување на потребното одобрение.
По лабораториските наоди, контролите се преселиле и во маркетите низ Косово. Повеќе од осум инспекциски екипи контролирале продавници во Приштина, Призрен, Митровица, Пеќ, Липљан и Штимље. Во една од акциите од продажба биле повлечени вкупно 5.278 единици млечни производи.
Меѓу производите идентификувани при овие контроли биле Holla Barista, My Cow, кремови на Bylmeti, Drena и Milket, како и Bianco. Централите на трговските синџири добиле налог спорните производи да бидат отстранети од продажба.
Случајот, сепак, има и важна врска со Македонија.
Во документацијата објавена од косовското Министерство за земјоделство се наведува дека My Cow бил извезуван во Македонија и Црна Гора, додека Land бил извезуван во Македонија. Поради тоа, косовските власти побарале дополнително да се проверат сертификатите, лотовите, количините и дестинациите на извезените производи.
Тоа потврдува дека производи од овие брендови биле извезувани кон македонскиот пазар, но засега не потврдува дека токму лотовите кај кои биле утврдени неправилности во Косово биле увезени или продадени во Македонија.
За да се утврди тоа, потребни се податоци за конкретните серии и количини што биле извезени, како и нивно споредување со производите кај кои косовските лаборатории ги утврдиле неправилностите.
Во јавноста се’ уште нема достапни информации за изјаснување на македонската Агенција за храна и ветеринарство во кое се наведуваат My Cow, Land, Abrazen или Vita во врска со овој случај, ниту јавно објавени информации за конкретни лотови, лабораториски анализи или евентуално повлекување на производи од македонскиот пазар.

Македонски


