Skip to main content

Тракторите ќе преноќат пред грчкиот парламент

 Околу 50 трактори на земјоделците што во Атина пристигнаа претпладнево на протест, во текот на вечерта ќе останат паркирани на плоштадот Синтагма пред Парламентот, јави дописничката на МИА од Атина.

Протестот заврши мирно, на демонстрантите им се обратија земјоделци од различни делови на земјата, пренесувајќи ги нивните ставови и барања поврзани со примарниот сектор.

Според информациите на МИА, тракторите се очекува утре претпладне, координирано и организирано исто како што и стигнаа, така и да си заминат од центарот на Атина.

Главната порака на земјоделците е дека нема да отстапат од нивните барања, за кои велат дека сè уште не се решени, нешто што го посочија и во разговор со дописничката на МИА од Атина велејќи дека се разочарани и од владината политика и од владините мерки, дека не се исполнети нивните барања, дека владата не сфатила дека потребни се решенија за примарниот сектор, но и истакнуваа дека обединети ќе продолжат со нивната борба.

Земјоделците со тракторите влегоа во Атина, поминаа низ централните улици, каде што со аплаузи беа поздравени и од насобраните граѓани, но и од случајните минувачи кои им изразија поддршка, по што стигнаа и се паркираа на централниот плоштад Синтагма пред Парламентот.

Земјоделците, кои вкупно 55 дена, во декември и јануари беа на патиштата и граничните премини со поставени блокади, а минатиот месец се сретнаа со грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис, преку протестот сакаат уште еднаш да ги истакнат нивните барања. ср/рп/

Фото: МИА

Поврзани вести