
Советот за општи работи на ЕУ денеска усвои заклучоци за напредокот на процесот на проширување за земјите-кандидатки, при што во делот посветен на Албанија, го истакнува напредокот постигнат во преговорите за пристапување, зајакнувањето на владеењето на правото и независноста на институциите, управувањето со миграцијата, како и напредокот во економскиот сектор, но повика на изборни реформи.
Советот ги поздравува добрите резултати што веќе ги постигнаа Специјалното обвинителство против корупција и организиран криминал (СПАК), независноста на судството и неговите судови, вклучително и во случаите на корупција на високо ниво и понатамошното зајакнување на отпорноста на правосудниот систем од внатрешно или надворешно мешање, се наведува во заклучоците.
Во извештајот се поздравува напредокот и посветеноста на Албанија кон завршување на процесот на пристапување во ЕУ и во овој поглед, ја повикува земјата да ги интензивира напорите за затворање на поглавјата.
Советот ја охрабрува Албанија да ги интензивира реформите на терен, особено да го заврши исполнувањето на привремените одредници за владеење на правото, поглавја 23 и 24, што би ѝ овозможило на Албанија да почне со привремено затворање на поглавјата од преговорите. Албанија, исто така, треба да ја забрза работата за исполнување на завршните одредници во сите поглавја од преговорите, се наведува во извештајот.
Советот на ЕУ ја повика Албанија да изготви сеопфатна изборна реформа по забелешките за парламентарни избори одржани на 11 мај.
Слободата на медиумите е важна точка, каде што извештајот нагласува дека треба да се направи повеќе. Албанија треба да продолжи да ја зајакнува заштитата на основните права. Слободата на медиумите и слободата на изразување треба да се зајакнат.
Советот, исто така, го поздравува континуираното спроведување на Планот за раст на Западен Балкан во Албанија, оценувајќи дека е на „вистинскиот пат, создавајќи опипливи придобивки за граѓаните“.

Македонски






