Skip to main content

Русија за пресудата за Додик: Загрозена стабилноста на Балканот

Судот на Босна и Херцеговина донесе пресуда против претседателот на Република Српска, Милорад Додик, и вршителот на должноста директор на „Службен весник на РС“, Милош Лукиќ, кои беа обвинети за непочитување на одлуките на високиот меѓународен претставник Кристијан Шмит. Додик е прогласен за виновен, додека Лукиќ е ослободен.

Според пресудата, Додик е осуден на една година затвор и шестгодишна забрана за вршење политички функции. Ова е првостепена пресуда, што значи дека постои можност за жалба. Обвинителството бараше максимална казна, која можеше да изнесува до пет години затвор и десетгодишна забрана за политичко дејствување.

Додик и Лукиќ беа обвинети за спроведување на одлуката на Народното собрание на РС во 2023 година да не се објавуваат одлуките на Шмит во Службен весник на РС. Шмит го поништи законот, но Додик сепак го потпиша, а Лукиќ го објави, што меѓународниот висок претставник го окарактеризира како кривично дело. 

Руското Министерство за надворешни работи реагираше на пресудата, оценувајќи дека таа ќе има штетни последици за Босна и Херцеговина и за целиот регион, пренесе Н1.

„Обвиненијата против демократски избраниот претседател на Република Српска, Милорад Додик, се обвиненија против целиот српски народ, засновани на нелегитимни одредби што ги наметна самопрогласениот висок претставник Кристијан Шмит“, се наведува во соопштението од Москва.

Русија, како постојана членка на Советот за безбедност на ОН и гарант на Дејтонскиот мировен договор, смета дека оваа пресуда ќе има сериозни последици врз стабилноста на регионот.

Во соопштението се додава дека судењето, кое траеше година и пол, претставувало „фарса“ и „отворено исмевање на правниот систем“.

„Осудата на Додик е чисто политички мотивирана и инспирирана од Западот, кој преку своите сојузници во судските институции на БиХ се обидува да ги елиминира патриотските сили во Република Српска кои се спротивставуваат на евроатлантскиот неоколонијализам“, тврдат од руското министерство.

Москва нагласува дека правосудниот систем на БиХ мора да биде независен и да се потпира на уставот и Дејтонскиот договор, а не на надворешни фактори.

„Потребно е да се престане со зависноста од странски ментори и од високиот претставник, чиј егоизам ја уништува меѓуетничката соработка во БиХ“, стои во соопштението.

Руското министерство предупредува дека поттикнувањето на тензии во БиХ може да ја загрози стабилноста на целиот Балкан и додава дека „одговорноста за ова ќе ја сносат оние што го конструирале антиуставниот процес против Република Српска“. 

Инаку, по изрекувањето на пресудата, во Бања Лука се собраа приврзаниците на Додик, од каде тој им порача дека „од денеска ја нема БиХ која ја замислувавте“.

Поврзани вести