Skip to main content

Регионалните случувања и билатералните односи во фокусот на средбата Нетанјаху-Мицотакис во Ерусалим

Фото: Кабинет на грчкиот премиер

За регионалните случувања, со акцентот на Источен Медитеран, како и за предизвиците во Сирија, Либан и Црвеното Море, но и за билатералните односи, размениле мислења премиерите на Грција и на Израел, Кирјакос Мицотакис и Бенјамин Нетанјаху на нивната средба во Ерусалим, информираа од кабинетот на грчкиот премиер.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Мицотакис денеска е во еднодневна посета на Израел каде што освен со Нетанјаху, се сретна и со претседателот на Израел Исак Херцог.

Од кабинетот на грчкиот премиер информираа дека „Мицотакис и Нетанјаху ги потврдија стратешките односи меѓу Грција и Израел и разговараа за натамошно продлабочување на билатералната соработка, особено во областа на одбраната“.

Грчкиот премиер ја истакнал важноста на проектите за поврзување и енергетика, што се од заеднички интерес за стабилноста во регионот, за Либан, ја нагласил важноста на стабилноста во земјата и почитувањето на примирјето во јужниот дел, а паралелно посочил дека е потребно да се ослободат заложниците и да се запрат израелските операции во Газа.

На почетокот на средбата, израелскиот премиер рече дека двете земји имаат заеднички вредности, сега споделуваат заеднички интерес, но и заеднички предизвици, додавајќи дека верува дека имаат многу можности пред нив.

– Со нетрпение ја очекувам можноста да разговараме за безбедносните предизвици, економските можности и начините на кои можеме да ги зголемиме шансите за траен мир во нашиот регион, нешто што знам дека го посакувате, рече Нетанјаху.

Мицотакис посочи дека двете земји имаат стратешко партнерство кое има значителна длабочина.

– Постојат многу безбедносни предизвици со кои треба да се справиме за да го вратиме нашиот регион во состојба на мир. Сакаме да се фокусираме и на нашата економска соработка, но и на нашата одбранбена соработка, која е особено важна за нас во Грција, истакна Мицотакис.

Претходно, грчкиот премиер се сретна и со израелскиот претседател, а на почетокот од средбата акцентот беше ставен на заложниците, за кои Херцог рече дека добиваат „загрижувачки извештаи за нивната здравствена состојба“, но и дека сега спроведуваат воени операции за нивно враќање.

– Искрено се надеваме дека денеска, за Еид ал-Фитр (Рамазан Бајрам), празникот на нашите муслимански граѓани овде и на муслиманите во регионот и ширум светот, е време сите да ги ослободиме, како знак на благословот на овој празник и секако, ова е нешто што е морална обврска на сите нив, рече Херцог. 

Мицотакис посочи дека е важно да има и ослободување на заложниците, но и прекин на огнот во Газа и рече дека доаѓа во Израел, уште еднаш, „во многу тешки, многу турбулентни времиња“.

– Дозволете ми мојот глас да го додадам на оние кои повикуваат на итно и безусловно ослободување на сите заложници. Но, дозволете ми, исто така да го додадам мојот глас и на оние кои изразуваат искрена надеж дека што е можно поскоро ќе има нов прекин на огнот во Газа и дека конечно ослободувањето на заложниците ќе биде придружено со рамка која ќе ни овозможи сите да размислиме за следниот ден, порача Мицотакис. ,

Поврзани вести