
Албанскиот премиер, Еди Рама, во интервју за „Клан Косово“ упати критики до косовското раководство, наведувајќи дека направило малку за поранешниот претседател Хашим Тачи и другите кои се судеа во Хаг. Според Рама, Косово доброволно се нашло во позиција на заложник на Србија, но истовремено нагласи дека Приштина мора да ги спроведе сите договори постигнати во Брисел.
Тој подвлече дека обединувањето на Косово и Албанија е замисливо единствено во контекст на Европската Унија. „Националното обединување значи приклучување кон Европската Унија, сè друго е бајка“, истакна Рама.
Премиерот додаде дека регионалните решенија од XIX и XX век денес немаат место, и дека приоритет на Тирана и Приштина мора да биде европската интеграција и развојот на меѓународното партнерство.
Изјавата доаѓа во период на заладени односи меѓу Косово и Соединетите Американски Држави, како и суспензија на стратешкиот дијалог со Приштина поради „создавање тензии и нестабилност“.