Skip to main content

Рама на првиот изборен митинг: Изборите на 11 мај се историски во секој поглед, дадете го гласот за ЕУ да биде Албанија, а Албанија да биде ЕУ

Фото: Freepik

Под мотото „Албанија 2030 во ЕУ, само со Еди и Социјалистичката партија“, на плоштадот „Скендербег“ во Тирана, социјалистите официјално ја отворија изборната кампања за парламентарните избори на 11 мај.

Во средината на сцената беа поставени 12 ѕвезди кои ги симболизираат 12-те ѕвезди на знамето на ЕУ но и 12-те окрузи во земјата. Редоследно на подиумот застануваа политичките раководители на партијата за секој од окрузите, заедно со кандидатите за пратеници.

По кратките поздрави од 12-те лидери на политичките кругови, кои искажаа верба во убедлива победа и продолжување на патот кон ЕУ и членство на земјата во 2030 година, митингот кулминираше со говор на лидерот на социјалистите Еди Рама, кој беше во облека комбиниарана со симболи на ЕУ, а на капата и патиките испишан бројот 5, редниот број на партијата на гласачкото ливче.

-Ние и никој друг ја имаме европската судбина на Албанија во наши раце. Нашата судбина не донесе до ова соочување, како конечно во нашата долга и мачна историја, давајќи ни шанса нам Албанците од 21 век да го смениме текот на историјата. Токму тука, на крстопат за партијата која ќе владее и следните 4 години и историска можност која за само 4 години би можела да стане госпоѓа на обединетото европско семејство. Ние и никој друг ја имаме европската судбина на Албанија во наши раце. Имаме 30 дена да се поврземе со секој Албанец кој ја сака Албанија во ЕУ, рече меѓу другото Рама.

Порача дека „мора конечно да ги смениме историските текови и да се обединиме со Европа и да се одвоиме од Азија“.

-Сосема е различно од сите други времиња, нашиот собир на овој плоштад каде што стои сведок, споменикот на нашиот народен пророк (Скендербег), како јава на коњот на историјата. Ако е точно, како што тврди самиот Куран, дека Господ на секој народ му дал пророк, Албанија го има Скендербег. Пред нашите нозе, стотици и илјадници плочи на плоштадот што го носи името на пророкот ја раскажуваат долгата историја на нашето албанско постоење, земјата со лузни од крв, солзи и пот. Нашата голема судбина сакаше на овој плоштад да ја имаме историската шанса да го направиме последниот чекор за обединување со Европа и неотповикливо одвојување од Азија. Денес со претставниците на социјалистичкиот народ започнува конечното искачување кон Европа, истакна Рама.

Барајќи од албанските граѓани во и надвор од земјата да ја поддржат СП, во што не се сомнева, оцени дека изборите на 11 мај се историски во секој поглед, во однос на инвестирање во нова Албанија, добивање средства од ЕУ, поголеми плати, пензии, напредување на туризмот земјоделството.

-Изборите на 11 мај се историски во секој поглед. Пасошот на ЕУ не е уште еден патен документ туку нов статус на државјанство. Отидовме од една во друга јама и никогаш не сме попуштиле на очајот, туку на овој сон. Нашата судбинска ѕвезда се усогласи со ѕвездите на Европа. Пасошот на ЕУ е наше национално и европско достоинство, кое за сите нас е неспорно. Тоа е достоинство на Албанците во Европа, прво им паѓа на памет на оние во Грција, нивното работно признавање ќе стане автоматско штом го добијат албанскиот ЕУ пасош. ЕУ ќе биде Албанија, а Албанија ќе биде ЕУ, порача Рама.

Тој својот опонент, лидерот на демократите Сали Бериша, кој на синоќешниот изборен митинг не го поштеди од обвинувања, повторно го нарече „утка од мочуриште“, додавајќи дека со него Албанија ќе се уназади и оти „Албанија со СП во 2030 ќе биде земја со друга моќ и позиција а опозициското мочуриште дотогаш ќе се исуши“.

Социјалистичката партија на изборите настапува во коалиција единствено со Македонска алијанса за европска интеграција (МАЕИ), а лидерот Васил Стерјовски е на отворената кандидатска листа во изборна единица Корча.

Поврзани вести