Процесот на проширување е базиран на заслуги и само заслугите можат да бидат основа за проценка на напредокот во пристапувањето, изјави вечерва претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта на прес-конференцијата по завршувањето на Самитот ЕУ-Западен Балкан, на кој учествуваше и премиерот Христијан Мицкоски заедно со лидерите на членките на Унијата и на земјите од регионот.
– Билатерализацијата не фер начин во проширувањето и треба да ја избегнуваме. Јас лично сум посветен де се обидеме да се надминат овие билатерални проблеми, бидејќи на проширувањето треба да гледаме како на многу важна геополитичка инвестиција, не само за Западниот Балкан, како и на заеднички интерес на 27-те земји членки на ЕУ, рече Кошта во одговор на новинарско прашање околу случаите некои членки на Унијата да ги блокираат кандидатите за членство на нивниот европски пат поради билатерални спорови.
Токму затоа, според него, треба да се забрза пристапниот процес со голема посветеност и со надминување на билатералните проблеми, кои понекогаш се ставаат на маса и треба да се решат.
Во одговор на прашање што ќе преземе Европската комисија за да ја промени оваа практика, претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен порача дека кога е предвидено дека за некое прашање треба консензус, тогаш и за промена на тоа правило е потребен консензус.
– Моето искуство од изминативе години е дека најважен е ангажманот за надминување на овие блокади, за изнаоѓање решенија, пронаоѓање компромиси, рече Фон дер Лајен.
Според неа, таквите обиди понекогаш го забавуваат процесот, но секогаш даваат резултати.
– Ако погледнете на Европската Унија во целина, таа е сторија или приказна на изнаоѓање компромиси и решенија за проблемите кои постојат. Јас сум убедена во тоа, истакна Фон дер Лајен.