Skip to main content

Прикажани најновите воени системи: Парада во Солун по повод националниот празник на Грција

Фото: Кабинет на грчкиот премиер
Кабинет на грчкиот премиер

Со традиционалната воена парада, во присуство на грчкиот државен врв и лидери на опозициските партии, во Солун се одбележа националниот празник на Грција – Денот „Охи“ (Не), односно негативниот одговор на земјата на ултиматумот од Италија во 1940 година, а граѓаните за првпат имаа можност да ги видат новите современи воени системи и иновативни одбранбени технологии, јави дописничката на МИА од Атина.

Воената парада и оваа година беше поделена во два дела, цивилен во кој парадираа здруженија и организации од цела Грција и воен дел, со учество на припадници на армијата, пешадиски тимови, оклопни возила и сл., а од воздух прелетуваа авионите Ф-16 Вајпер, Мираж, Ф-4, воени хеликоптери итн.

Особено впечатливи беа маневрите на пилотот на Ф-16 на крајот од парадата, кој воедно испрати и порака до Грците за националниот празник, велејќи дека денес им оддаваат чест на „оние што го кренаа своето „не“ и се издигнаа над секој страв“, но и дека продолжуваат „да го чуваат небото на татковината“.

За првпат оваа година на воената парада беа претставени воени системи од Одделот за иновации и нови борбени системи во рамките на „Агендата 2030“ за модернизација на вооружените сили на Грција .

Присутните имаа можност да ги видат одблиску напредните грчки антидрон системи и оружјето со вештачка интелигенција.

По завршувањето на парадата, грчкиот претседател Константинос Тасулас, честитајќи го празникот посочи дека „одбраната на татковината во 1940 година ги обедини Грците“.

Нивниот пример, нивната љубов кон земјата и нивната самопожртвуваност нè водат за да можеме обединети во големите и важните работи да се соочиме со сите тешкотии на нашето време и да се грижиме за една силна татковина, против секоја закана, за современа и напредна татковина, за татковина столб на стабилноста и безбедноста во чувствителниот регион на југоисточниот Медитеран“, рече Тасулас.

Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис посочи дека парадата во Солун „ја одразува сликата на земја што ги почитува и слави важните моменти од своето минато, но во исто време е способна да гледа кон иднината со оптимизам и самодоверба“.

Пред 85 години, Грците ги оставија настрана своите разлики, се обединија за да се борат за својата слобода и постигнаа горда победа. И токму оваа порака за единство сме повикани да ја пренесеме во рамките на одговорностите на нашата генерација. Живееме во турбулентни и тешки времиња, но воената парада што ја следевме денеска нè прави сите да се чувствуваме смирено дека вооружените сили се секогаш тука да ја бранат слободата за која се бореа нашите предци. Армијата денес се наоѓа во процес на можеби најважната трансформација во нивната историја, со цел да можат да одговорат на големите предизвици на нашето време“, порача Мицотакис.

Како и секоја година, така и сега, во Атина и во останатите грчки градови се одржаа паради на учениците. 

Поврзани вести