
Европа се наоѓа на историска пресвртница, нејзината безбедност е загрозена, а инвестициите во одбраната се приоритет, изјави денеска во Париз хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.
„Европската безбедност е загрозена, а нарушени се и дел од темелите на трансатлантските односи“, рече Пленковиќ на предавање во Францускиот институт за меѓународни односи (IFRI), насловено „Европа на крстопат: Потврдување на суверенитетот во свет во промена“.
Тој истакна дека институционалната, енергетската и демографската стабилност на европските општества повеќе не може да се зема здраво за готово, па инвестициите во одбраната се приоритет за европскиот континент.
Пленковиќ предупреди дека Европа се соочува со најопасната безбедносна состојба по завршувањето на Студената војна, со посебен акцент на руската агресија врз Украина, зголемените хибридни закани и забрзаното производство на оружје во Русија.
Затоа Европа мора да ја прилагоди својата индустрија, залихи и инвестиции за да одговори на противникот кој своето стопанство го стави во служба на војната, рече премиерот на Хрватска.
Пленковиќ потенцира дека Хрватска тројно го зголеми својот одбранбен буџет во помалку од десет години, а до 2027 година ќе достигне издвојување од 2,5% од БДП за одбрана, а до 2030 година три проценти.
Тој додаде дека Хрватска е една од водечките земји во производство на FPV дронови и дека тесно соработува со Холандија и Летонија во коалицијата за дронови, при што хрватските компании држат 80% од светскиот пазар на машини за далечинско разминирање.
Пленковиќ оцени дека војната во Украина е „одлучувачки тест за европската безбедност“ и се заложи за праведен и одржлив мир, со почитување на украинскиот суверенитет.
Тој исто така посочи дека Хрватска од 2022 година и помогнала на Украина со 317 милиони евра и примила 30.000 украински бегалци.
Пленковиќ се осврна и на новата американска стратегија за национална безбедност, во која се зборува за „цивилизациско пропаѓање на Европа“ и поддршка на крајната десница, оценувајќи дека тоа сигнализира длабока промена во перцепцијата на Вашингтон за својата улога во светот.
Европа мора да се подготви да преземе поголема одговорност за својата безбедност – не против САД, туку за стабилноста на трансатлантскиот простор, нагласи тој.
Пленковиќ потенцираше дека проширувањето на ЕУ е геополитичка нужност и дека Хрватска се залага за интеграција на земјите од Западен Балкан, како и Украина и Молдавија, посебно истакнувајќи ја важноста на Босна и Херцеговина.

Македонски







