Skip to main content

“Пада Влада: Бугарската опозиција поднесе барање за гласање недоверба на Владата на Росен Жељазков

 Опозициската формација „Продолжуваме со промената-Демократска Бугарија“ (ПП-ДБ) поднесе барање за гласање недоверба на Владата, предводена од премиерот Росен Жељазков (ГЕРБ).

Барањето се однесува на неуспехот на Владата во економската политика, што доведе до едни од најголемите протести во Бугарија. Барањето е поддржано и од формацијата на Дељан Доган – „Алијанса за права и слободи“ (АПС) и партијата „МЕЧ“.

– Очигледно Владата не го слушна големиот протест и не поднесе оставка. Денеска, како што им ветивме на сите кои протестираа и на сите луѓе кои не го одобруваат ова управување, поднесовме гласање недоверба на оваа Влада. Ова е првото гласање недоверба кое се поднесува и со активно учество на најмладата генерација во Бугарија. Иднината им припаѓа ним и ние сме должни да им ја обезбедиме, изјави денеска пред новинарите претседателот на „Продолжуваме со промената“, Асен Василев.

Барањето беше симболично поднесено во архивата на Народното собрание со учество на двајца млади кои учествуваат во протестите – Калојан Васев и Ана Бодакова.

Во образложението за гласањето недоверба се наведува дека постапките на Владата довеле до негативен развој на економијата на земјата, а неактивноста во клучните реформи – до стотици милиони задржани средства од Планот за закрепнување и одржливост (ПЗО). Според подносителите, лошото и некомпетентно прераспределување на јавните ресурси довело до поголем товар за работниците и бизнисот.

„Очигледниот неуспех во економската политика води до намалување на благосостојбата и до осиромашување на бугарските граѓани и драстично влошување на деловната клима, на сметка на прераспределбата на јавните ресурси кон нереформирани системи во јавниот сектор и државни инвестициски проекти со сомнително надуени вредности“, се додава во образложението за мотивите за барањето гласање недоверба на Владата..

– Ако оваа Влада има барем малку разум, ќе го чуе гласот на бугарските граѓани и ќе поднесе оставка. На денот на расправата за гласањето недоверба, што ќе биде или вторник или среда, ќе свикаме уште поголем протест од оној што се случи на 1 декември и ги покануваме сите бугарски граѓани да се придружат, додаде Василев.

Иако гласањето недоверба е веќе поднесено, сè уште не е познато кога ќе се одржи дебатата за него. Според парламентарниот правилник, расправата за предлог за недоверба започнува не порано од три дена и не подоцна од седум дена од поднесувањето на предлогот. Поради тоа, сè уште не е објавен конкретниот датум на новиот протест.

– Очекуваме секоја политичка сила која има малку преостанат политички инстинкт да го поддржи ова гласање недоверба, бидејќи владејачките сили губат поддршка со секоја минута што продолжуваат да бидат на власт и продолжуваат да го поддржуваат Пеевски“, рече копретседателот на партијата „Да, Бугарија“, која е дел од ДБ, Божидар Божанов.

Тој истакна дека гласањето недоверба е поднесено од ПП-ДБ со поддршка на АПС и МЕЧ, но очекува во собраниската сала да биде поддржано од „секој што има малку преостанат политички инстинкт“.

„Очекуваме да одиме на избори што е можно побрзо, бидејќе со граѓанската енергија што ја има во моментот, очекуваме да има многу поголема излезност, и таа да ги ‘удави’ сите купени гласови на Пеевски, а тој да остане едно ‘електорално џуџе’“, додаде Божанов, потсетувајќи на инсистирањето на опозициската формација за целосно машинско гласање.

Инаку, Дељан Пеевски е контроверзен бугарски медиумски магнат и политичар, кој во моментов е копретседател на „Алијанса за права и слободи“ (АПС); тој е санкциониран од САД (под Глобалниот закон Магнитски) и Велика Британија поради наводна вмешаност во корупција и злоупотреба на медиумското влијание, а во Бугарија се смета за силна фигура од сенка на власта.

– Поднесуваме гласање недоверба за неуспехот во економијата и сакам да потсетам на една значајна фраза на американскиот претседател Клинтон, кој рече: ‘Економијата, глупаку’ (фраза од предизборниот слоган на Бил Клинтон од 1992 година, според која економијата е одлучувачка за успешен развој на секоја држава). Глупаците нека земат да си направат сметка зошто бараме оваа Влада да си замине, рече претседателот на ДСБ, Атанас Атанасов.

– Секоја партија има право да бара гласање недоверба. Сè што е запишано во Уставот и демократските правни принципи и ред може да се прави, изјави лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов.

– Нека ги видиме мотивите какви се, бидејќи оваа година го преговаравме Планот за закрепнување и одржливост, милијарди влегоа во Бугарија, додека претходните три години ниту еден лев не беше влегол во Бугарија. Во овој период направивме два нови договори за две нови фабрики со најголемата компанија во Европа – ‘Рајнметал’. Во февруари треба да биде првата лопата… Така што, да ги слушнеме што ќе кажат, додаде Борисов, истакнувајќи ги постигнувањата на Владата, наспроти темата на претстојното гласање недоверба, посветена на економската политика на Кабинетот Жељазков.

Запрашан дали поддршката за Владата е стабилна и дали владејачкото мнозинство може да продолжи да се потпира на „Новиот почеток“ (неформален сојуз со неговата партија АПС) на Пеевски, Борисов одговори: „Оваа мантра ‘Борисов-Пеевски’ мора да исчезне. Јас одговарам за ГЕРБ“.

Одговорот ја продолжи новата насока, преземена од лидерот на партијата носител на мандатот на почетокот на неделата, да зборува за „дистанцирање“ и „повлекување“ на неговата партија од партијата на Дељан Пеевски.

– Сега, ако сака да ја поддржи Владата, ќе видиме на гласањето, изјави Борисов во петокот.

– Денеска целата наша парламентарна група се потпиша како ко-подносител на гласањето недоверба кон Владата, уверена дека тоа е правилен потег, имајќи ја предвид националната покриеност на протестите во Бугарија против политиката на Владата, објави претседателот на парламентарната група на „Алијанса за права и слободи“, Хаир Садков.

Според него, сите 15 пратеници на партијата ќе гласаат за соборување на Владата во пленарната сала. Садков изјави дека очекува гласањето недоверба да биде успешно, „бидејќи има доволно основи за тоа“.

– Дури и ако гласањето недоверба не успее, духот е пуштен од шишето и тешко може да има враќање назад. Прашањето не е дали Владата ќе падне, туку кога тоа ќе се случи, додаде пратеникот од АПС, Хасан Адемов.

Поврзани вести