
Намалување на цената на струјата на 8,5 центи за киловатчас до 2028 година; поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта; 100 отсто покриеност на обесштетувањето при елементарни непогоди, специјален баркод за потеклото на производите, се дел од мерките што денеска ги соопштија вицепремиерот на Грција и надлежните министри во грчката Влада за поддршка на земјоделците, јави дописничката на МИА од Атина.
Вицепремиерот Костис Хаѕидакис уште еднаш посочи дека од 27 барања на земјоделците, 16 се исполнети или се третираат позитивно, четири се разгледуваат, додека пак седум се или вон буџетската или вон европската рамка и повтори дека секогаш се отворени за дијалог со земјоделците.
Паралелно нагласи дека во 2025 година за земјоделците биле исплатени 3,82 милијарди евра, износ што е за 13 отсто повисоки од претходната година.
Цената на струјата е едно од главните барања на земјоделците, кои бараат да биде 7 центи за киловатчас, а Владата денеска соопшти 8,5 центи, наспроти претходно најавените 9,3 центи за киловатчас.
За поврат на посебниот данок на потрошувачка на нафта, согласно соопштеното, земјоделците во суштина нема да го плаќаат данокот со оглед на тоа што преку специјална апликација на пумпите ќе ја плаќаат директно цената одредена за нив.
За да се избегне појавата увезени производи од странство да се продаваат како грчки, што исто така е меѓу барањата на земјоделците, министерот за дигитално управување на Грција Димитрис Папастергиу соопшти дека ќе се воведе национално следење на производите, „од нивата до рафтовите во маркетите“, односно секој производ ќе има баркод со потекло, нешто што до сега не се прави.
Вицепремиерот на Грција ги повика земјоделците „да ја гледаат чашата полуполна, а не полупразна“.
Земјоделците се очекува во попладневните часови да одржат состаноци за да ги разгледаат владините мерки и да одлучат дали ќе продолжат со најавената 48-часовна блокада на цела Грција за утре и задутре.
Според грчките медиуми, доколку земјоделците не ги запрат протестите и блокадите, Владата е подготвена да го спроведе „Планот Б“, што предвидува казни за оние кои продолжуваат со затворање на патиштата.

Македонски





