
Без активно жариште e шумскиот пожар на вториот крак на Халкидики во регионот на Вурвуру, што избувна вчера околу 16 часот по локално време, информираше утрово портпарлот на Противпожарната служба на Грција Василис Ватракојанис, јави дописничката на МИА од Атина.
Според Ватракојанис, пожарникарите продолжуваат со фрлање вода во целиот дел на пожарот, интервенираат 160 пожарникари со седум пешадиски тима, 49 возила, дронови и волонтери, а помагаат и цистерни од општините.
Од грчката полиција синоќа информираа дека е нормализиран и сообраќајот на патот Неа Мудања – Спарти од Ормос Панагиас до Вурвуру, што вчера поради пожарот беше затворен за сите возила.
Градоначалникот на Ситонија Јоанис Малинис, синоќа, како што објави МИА, преку социјалните мрежи информираше дека пожарот е под контрола и дека „не постои никаква опасност за туристичките сместувачки капацитети или домовите во областа, а посетителите и жителите можат да останат мирни, бидејќи ситуацијата е нормализирана“.
Вчера, сè до заоѓањето на сонцето интервенираа и 14 авиони и пет хеликоптер.
Пожарот избувна околу 16 часот по локално време во густа борова шума, во непрооден дел, а населените и туристичките места веднаш беа евакуирани, со оглед на тоа што од бројот 112 за итни случаи беше испратена порака до сите што се во конкретната област да се евакуираат кон Никити.
Паралелно, доцна синоќа избувна пожар кај Јерапетра во југоисточниот дел на островот Крит, а според портпаролот на Противпожарната служба на Грција, утрово пожарникарите, кои беа засилени со нивни колеги од Атина, се справуваат со многу различни жаришта.
Ватракојанис додаде дека силниот ветер, создава нови жаришта и го отежнува гаснењето на пожарите, а интервенираат 230 пожарникари со 13 пешадиски тима, 46 возила и група беспилотни летала, како и десет хеликоптери од кои еден е за координација.
Дополнително, истакна дека по наредба на началникот на Противпожарната служба Теодорос Вајас, тимовите на Одделот за справување со подметнување на пожари се на Халкидики и на Крит за да ги испитаат причините за пожарите.