
На албанскиот премиерот Еди Рама денеска во Абу Даби му е врачен медалот „Зајед“ од претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал Најан.
Објавувајќи ја веста на Фејсбук Рама напиша дека ова е „најголемо почитување и благодарност за еден албански премиер“.
„Длабоко сум трогнат од незамисливото изненадување и извонредната чест од претседателот на Обединетите Арапски Емирати, шеикот Мохамед бин Зајед ал Најан. Доделувањето на највисокиот медал на пријателската земја, кој го носи името на нејзиниот основачот, шеикот Зајед, е најголема почит и благодарност за еден албански премиер, што понизно го прифатив, полн со гордост за Албанија и со длабока благодарност за големиот пријател на Албанците, Неговото Височество шеикот Мохамед бин Зајед, како и за секој Албанец кој ми го довери водството и претставувањето на нашата заедничка татковина“, напиша Рама во објавата на Фејсбук.
Свеченоста била организирана во рамки на Неделата на одржлив развој што се одржува во Абу Даби. Со доделувањето на медалите „Зајед“ се оддава почит на хуманитарните иницијативи на оние кои придонесуваат за земјите во развој.

Македонски




