
Поранешните челници на Ослободителната војска на Косово (ОВК) — Хашим Тачи, Кадри Весељи, Реџеп Сељими и Јакуп Красниќи — ќе останат во притвор на Специјализираните совети во Хаг, поради ризик од влијание врз сведоците и можност за попречување на судската постапка, потврди портпаролот на судот, Мајкл Дојл.
Судиите проценија дека постои реален ризик секој од обвинетите да го наруши текот на постапката или да изврши нови кривични дела, особено против лица кои сведочеле или се очекува да сведочат пред Специјализираните совети,“ изјави Дојл.
Тачи, Весељи, Сељими и Красниќи се обвинети за воени злосторства и злосторства против човештвото извршени во периодот од 1998 до 2000 година, за време и по конфликтот на Косово.
Портпаролот потсети дека судот веќе има отворено посебен предмет против Тачи и уште неколку поранешни функционери — Башким Смакај, Фадиље Фазљиу, Исниј Киљај и Хајредин Кучи — поврзан со наводи за незаконско влијание врз сведоци.
На 29 септември, Обвинителството го информираше судијата за претходна постапка за фактите за кои страните се согласиле. Според Деловникот, тоа треба да овозможи побрзо водење на процесот,“ објасни Дојл, пренесува порталот Репортери.
Судијата за претходна постапка најави дека предметот ќе биде упатен пред судечкиот совет во првата половина на ноември 2025 година, откако ќе бидат разгледани жалбите на одбраната.
Во меѓувреме, на судењето сведочеше поранешниот заменик-шеф на УНМИК, Џејмс Кови. По неговото сведочење, адвокатот на Тачи, Лука Мишетиќ, изјави дека одбраната нема да може да го заврши случајот до 14 ноември, како што првично беше утврдено од судот.
Специјализираните совети во Хаг ги процесуираат наводните злосторства на припадници на ОВК против цивили и политички противници за време на и по косовскиот конфликт, а процесот против четворицата највисоки поранешни лидери се смета за еден од најкомплексните во поновата судска историја на Балканот.