Skip to main content

Косово ги затвора паралелните српски институции во десет општини

Косовскиот министер за внатрешни работи Џељаљ Свечља објави дека во средата наутро се затворени паралелните општини на Србија, поштите и даночните канцеларии во десет различни општини.

Полициски дејствија се преземени во општините Липјан, Обилиќ, Приштина, Косово Поле, Вуштри, Ново Брдо, Каменица, Вити, Раховец и Скендерај.

„Заедничката акција ќе стави крај на ерата на српските паралелни и криминални општини и институции во Република Косово“, рече Свечља.

На видеото што го објави Свечља се гледа и косовскиот министер за локална самоуправа Елберт Красниќи, кој рече дека „од денеска конечно се затворени 28 паралелни криминални српски општини на Косово и нивните пет окрузи“.

Властите во Косово велат дека работата на овие српски институции, кои функционираат од повоениот период во 1999 година, е „незаконска“.

Српскиот министер за надворешни работи Марко Ѓуриќ оцени дека акцијата што косовската полиција ја спроведе денеска е „опасна ескалација“.

„Овие агресивни потези не се само напад врз институциите, туку јасен обид за поткопување на колективните права и идентитетот на Србите во Косово“, напиша Ѓуриќ на својот Инстаграм профил.

Тој изјави дека „оваа стратегија само ги продлабочува поделбите и ја загрозува стабилноста во регионот“ и ја повика меѓународната заедница јавно и недвосмислено да ги осуди овие постапки и да ги заштити правата на Србите на Косово.

Директорот на Канцеларијата на српската влада за Косово, Петар Петковиќ – кој моментално е во Брисел на првиот состанок на заедничката косовско-српска комисија за исчезнати лица – ја опиша акцијата како „напад“ и рече дека „таков терор го доведува во прашање самиот дијалог“.

„Јасно е зошто (главниот преговарач на Косово Бесник) Бислими денеска не се појави во Брисел. Дојдов со делегација од Белград со намера да се осврнам на прашањето за исчезнатите денес, додека (косовскиот премиер Албин) Курти и Приштина го избраа патот на насилство и еднострани дејствија“, напиша Петковиќ на социјалните мрежи.

Радио Слободна Европа претходно објави дека косовската полиција влегла во српската пошта во Грачаница и во паралелната општина Приштина, која исто така функционира во Грачаница од повоениот период.

Пред зградата на Поштата Србија е поставена жолта лента, а новинарите на Радио Слободна Европа јавуваат дека во овие две институции моментално се стационирани полицајци, додека вработените во двете институции ги напуштаат просториите.

Косовската полиција соопшти дека регионалните дирекции на Приштина, Гњилане, Ѓаковица и Јужна Митровица спроведуваат полициски акции, но не потврдија за какви операции станува збор.

извор: Радио Слободна Европа

Поврзани вести