Skip to main content

Министерот Клековски апелира да се вакцинираат децата против морбили, да се превенира можна епидемија која ја има на Косово и во Бугарија

Фрипик

Да се вакцинираат децата против морбили, за да се превенира можна епидемија, со оглед на тоа што расте бројот на случаи со морбили во Косово и во Бугарија, апелираше министерот за здравство Сашо Клековски на денешната прес-конференција.

Сакам да упатам апел до сите, поревносно да пристапат кон вакцинација од морбили. Опфатот на вакцинација е релативно низок, 62 проценти, од Институтот за јавно здравје го кажуваат тоа. Ова го кажувам бидејќи во моментот расте бројот на случаи од морбили во Косово и во Бугарија. Така што имаме причина веќе да започнеме со ова алармирање и ќе се обидеме во наредните денови и недели низ повеќе активности да ги мотивираме граѓаните да ги вакцинираат децата од морбили, односно да се зголеми опфатот. За да превенираме можна епидемија на морбили во државата – подвлече Клековски.

На прес-конференцијата, во врска со извештајот за 2025 година, беше кажано дека за ниту една од вакцините што се во редовниот календар за прва доза од вакцината, немаме достигнато посакуван опфат од 95 отсто.

На пример, за хепатитис Б имаме 77%, за хемофилус инфлуенца 78%, дифтерија, тетанус, пертусис тука имаме 79%, иако имавме епидемија до 2024 година. Понатаму, за вакцината против полио исто 79%, 62% за МРП вакцината и вакцините каде што релативно секогаш имаме низок опфат, тоа се ХПВ со 51% и најновите вакцини од пред некоја година внесени во календарот – рота и пневмокок со 64% и 80%. Имаме и податоци и за ревакцинацијата, таму состојбата е нешто подобра. На пример, каде што е МРП вакцината, тука веќе имаме 85% кај ревакцината – рече Драган Кочински, раководител на одделот „Епидемиологија на заразни заболувања“ при Институтот за јавно здравје.

Но, рече тој, мора да се напомене дека сепак тоа не е доволно за да се створи колективниот имунитет. За тоа е потребно, како што појасни тој, да имаме минимум 95% и на национално, но и на регионално ниво.

Највисокиот опфат сме го имале до 2019 година кога всушност имавме и епидемија и кога биле преземени противепидемиски мерки со вакцинација.

Во моментот нема епидемија во Македонија, но, бидејќи имаме во соседството, ние веќе се подготвуваме и се планираат активности за мотивација на родителите да ги вакцинираат своите деца – додаде Кочински.

Во врска со имунизацијата, беше нагласено дека има редовни активности на ИЈЗ и центрите за јавно здравје влезени и во Националната програма за јавно здравје. Тие настани биле редовни – проверки на вакциналните пунктови, пребарување на невакцинирани деца, посета на училишта и предавања, едукација од страна на епидемиолози. Така што, активности се спроведувале цело време.

Поврзани вести