
Годишната стапка на инфлација во Турција забави деветти месец по ред во февруари. Достигна 39,05 отсто, паѓајќи под границата од 40 отсто за прв пат од јуни 2023 година, според официјалните податоци објавени денеска.
Во јануари стапката на инфлација во Турција изнесуваше 42,1 отсто.
Турција од 2019 година доживува двоцифрена инфлација. Годишната стапка на инфлација го достигна врвот во мај минатата година, кога изнесуваше 75 отсто, а почна да забавува во јуни, пренесува француската новинска агенција АФП.
Турската централна банка почна да ги зголемува каматните стапки во 2023 година, но минатиот декември го промени пристапот и почна да ги намалува. На крајот на јануари ја намали основната каматна стапка на 45 отсто.
Банката во четврток ќе донесе нова одлука за каматните стапки, пренесува АФП.