Skip to main content

Горат 14 пожари во Албанија, на помош доаѓаат хеликоптери од ОАЕ, Грција и други земји од ЕУ

Албанскиот министер за одбрана Пиро Венгу потврди дека во земјата се уште се активни 14 пожари кои зафаќаат големи површини.

Во објава на социјалните мрежи, Венгу наведува дека во гаснењето на неколкуте големи пожар на југот на земјата, освен противпожарни единици, армиски, полициски сили и доброволци, вклучени се и хрватски и шведски авион „Канадер“.

Венгу додава дека се очекува пристигнување на два хеликоптери од воздухопловните сили на Обединетите Арапски Емирати, уште еден „Канадер“ од Грција и два хеликоптери од европскиот механизам од Чешка и Словачка.

Максимално внимание и посветеност на терен од страна на вооружените сили, пожарникарите и полицијата за обезбедување на станбените области околу кои работиме на создавање безбедносен периметар во сите проблематични области, пишува Венгу.

Тој посочува дека само денеска попладне регистрирани се 21 пожар, 7 се локализирани, додека 14 се се уште активни.

Воздушните мисии и копнената интервенција во овие области го намалија ризикот за жителите, домовите и бизнисите, но ситуацијата продолжува да останува загрижувачка, како резултат на силните ветрови и високите температури што ќе продолжат да доминираат во земјава, оценува тој.

Според него Државниот комитет за цивилни вонредни ситуации наредил подигање на готовноста во општини, на максимално ниво низ целата земја, а оперативните сили се ангажирани во секое жариште што се смета за критично на територијата.

Поврзани вести