
Во светот на најбогатите се случува историска промена – оваа година околу 142 илјади милионери планираат да се преселат, напуштајќи луксузни станови во Лондон или имоти во Франција.
Швајцарија, Соединетите Американски Држави и Обединетите Арапски Емирати и понатаму привлекуваат дел од богатите, но Црна Гора е најбрзо растечки светски центар за милионери.
Според податоците на швајцарската компанија Henley & Partners, бројот на милионери кои се преселиле во Црна Гора лани пораснал за дури 124 проценти.
Во моментов, во оваа држава живеат околу 2.800 милионери, што е значително помалку во споредба со други земји. Сепак, Црна Гора привлекува богати личности преку програмата „инвестиции за државјанство“, позната и како „златен пасош“. Дополнително, според Доминик Волек од Henley & Partners, земјата станува се поатрактивна поради својата близина до Западна Европа и фискалната флексибилност.
„Ниските црногорски даноци, со фиксна стапка на данок на доход и без данок на наследство или подароци, ја прават особено привлечна за зачувување на богатството. Во комбинација со јадранската крајбрежна зона, понудата на луксузни недвижности и привлечниот медитерански начин на живот, Црна Гора станува избор на инвеститорите“, изјави Волек.
Покрај Црна Гора, зголемен број на богати доселеници имаше и во Малта, Полска, Кина, Костарика, Индија и Латвија. Од друга страна, најмногу милионери се иселиле од Велика Британија, Кина, Индија, Јужна Кореја, Русија, Бразил, Франција, Шпанија и Германија.