
На 29-годишен државјанин на Македонија му се заканува затворска казна од една до пет години и парична казна од 1.000 до 5.000 лева (околу 500 до 2.500 евра) поради обвинување дека со автомобил прегазил куче во Софија, соопшти Окружното обвинителство на Софија.
Инцидентот се случил вчера околу 18:24 часот во станбениот блок „Расадник“ во бугарската престолнина. На бројот за итни повици 112 прво бил пријавен физички конфликт меѓу двајца мажи, при што еден од нив изјавил дека претходно удрил куче со автомобил.
Полицијата веднаш излегла на терен, го идентификувала сторителот и собрала тројца сведоци. Обезбедена е и видео снимка од настанот, а воспоставен е и контакт со осомничениот.
Според полициските информации, младиот Македонец не го негирал настанот, туку изјавил дека не било намерно, туку резултат на ненадеен маневар со возилото.
Бугарските медиуми пренесоа дека лицето можеби е доктор на Военомедицинската академија во Софија, но таа информација сè уште не е потврдена.
Истрагата се води според член од бугарскиот Кривичен законик што предвидува санкции за „незаконско предизвикување смрт или тешка повреда на ‘рбетно животно со пројавена суровост“. Осомничениот нема криминално досие, не е познат на полицијата и не е приведен.
Жителите на „Расадник“ велат дека кучето, по име Маја, било омилено милениче во соседството веќе 14 години, и дека многумина се потресени од немилиот настан.

Македонски








