Бугарската техничка влада испрати до македонската влада нацрт-договор за подготовка, изградба и работа на прекуграничен железнички тунел кој ги поврзува двете земји. Предлогот на бугарската држава е двете влади да преземат конкретни и јасни обврски за имплементација на граничниот железнички тунел, кој е клучен елемент од Коридорот 8.
Со потпишувањето на документот подготвен од бугарското Министерство за транспорт и врски, според барањето, ќе се договорат техничките, финансиските, правните и организациските прашања поврзани со изградбата на тунелот, што треба да биде во согласност со европското и националното законодавство на двете земји.
Бугарското министерство наведува дека страните ќе се договорат кој од нив ќе одговара за изградба на прекуграничниот објект, за јавни набавки и за надзор на градба. Планирано е директорите на железниците на Бугарија и Македонија да создадат заеднички работни групи за да ја подготват потребната документација за тендерските постапки.
Во рок од три месеци од стапувањето во сила на Договорот, Бугарија и Македонија мора да подготват и да испратат до Европската комисија и финансиските институции заеднички распоред за реализација на изградбата. Двете страни ќе вложат максимални напори да обезбедат грант помош за изградба на објектот и неговата соседна железничка инфраструктура, во согласност со барањата на ЕУ и НАТО во однос на стандардите на Трансевропската транспортна мрежа, се наведува во нацрт-договорот.
Се додава дека бугарската страна е подготвена што поскоро да ги започне преговорите со Македонија за предложените текстови, а потоа да продолжи со неговото потпишување.