
Во малото кафуле на плоштадот во Агиос Германос во Преспа, Алексиос Цикос ја пие последната голтка од своето врело кафе. Неговиот глас, силен и јасен – и покрај неговите 86 години – го исполнува утринскиот воздух, додека почнува да се потсетува на спомените од една друга ера: тогаш кога граничниот премин кај Лемос беше отворен, а патувањата во соседна (тогаш) Југославија, за пазарување или едноставно за прошетка, беа речиси секојдневен дел од животот на луѓето од областа.
– Пред 1967 година, преминот кон Преспа беше животен пат, вели Цикос, додека од него бараме да се потсети на слики од тоа време.
– Сите минуваа, немавме страв, ниту пречки, се сеќава 86-годишниот жител на Агиос Германос, говорејќи за АНА-МПА.
Секојдневието, како што раскажува, течело бавно и стабилно, со луѓе што се буделе рано и се занимавале со земјоделство, риболов и сточарство.
– Езерото беше наш дом. Децата си играа на брегот без стрес. Соседите од селата од другата страна доаѓаа како посетители на кафе и муабет. Имавме пријателство, солидарност и едноставен живот, нагласува тој.
Граничниот премин Лемос работеше од 1959 до 1967 година, врз основа на грчко-југословенскиот договор за гранична комуникација. Кога се затвори, патувањето до другата страна на границата престана да биде прашање на неколку десетици минути и во речиси шесте децении што помина од тогаш, во регионот се случија тектонски промени – распадот на Југославија и создавањето нови држави. Времето минуваше, а преминот од Лемос кај Преспа до соседниот Ресен во денешна Македонија остана прашање на патување од над два часа низ планинскиот релјеф на езерата.

Денес се раѓа нова надеж со прекуграничниот проект BorPres2. Проект со вкупен буџет од 7,5 милиони евра, финансиран од програмата Interreg VI-A IPA „Грција-Македонија 2021-2027“ и вклучува изградба на граничниот премин во Грција, реновирање и опремување на постоечката полициска станица во Македонија, како и изградба и промоција на прекугранична патека помеѓу Агиос Германос (Општина Преспа) и Брајчино (Општина Ресен), промовирајќи благ туристички развој и заштита на животната средина.
Проектот заеднички го спроведуваат регионот Западна Македонија, Министерството за внатрешни работи и општините Преспа и Ресен. Целта е преминот да стане целосно оперативен, согласно со спецификациите на Шенгенскиот договор.
Паралелно со конкретниот проект, постои подготовка на ниво на студии и финансиски средства (5,5 милиони евра) за безбедно патно поврзување на Лемос со преминот. Во изминатиот период, во соработка со општинската власт, жителите и претставниците на еколошките организации во регионот, беше одредена конкретната патна оска, која по нејзиното завршување автоматски ќе ги надгради капацитетите на новиот граничен премин.
Со перспективата за повторно отворање на граничниот премин Алексиос Цикос со слатка носталгија се сеќава на жителите од другата страна на границата.
– Југословените – бидејќи тогаш Југославија беше од другата страна – пријатно нè пречекуваа. Беа исплашени луѓе, но гостопримливи. Јас, лично, имав еден пријател и си се посетувавме. Јас одев кај него дома, тој доаѓаше кај мене … јадевме, пиевме. Сакаше да замине за Франција за подобар живот, вели тој.
Ваква приказна (од минатото) раскажува и градоначалникот на Преспа, Јоргос Стергиу, сакајќи да ја покаже корисноста на проектот.
– Ми велеа дека порано, жител на Лемос можеше пеш да стигне до Наколец за да ги продаде своите производи и да се врати пред пладне. Денес, истото растојание со автомобил трае повеќе од два часа. Со BorPres2, ќе се намали на неколку минути, нагласува тој.
Сепак, не станува збор само за олеснување, туку, како што вели Стергиу, станува збор за достоинство и враќање на природниот тек на животот во оваа прекугранична област.
– Проектот BorPres2 не е само технички проект. Не се однесува само на објекти, царини, патишта или знаци. Се однесува на поврзување на луѓе, организации, па дури и атракции. Се однесува на соработката и довербата, но и на мирниот и хармоничен соживот на народите, истакнува градоначалникот на Преспа, кој минатиот четврток, во општината, ги пречека министрите и функционерите како од Грција, така и од Македонија, како и амбасадорот на Европската унија во Македонија, за почетокот на имплементацијата на проектот, за кој се проценува дека ќе биде готов за околу две години.
– BorPres2 нема само да отвори граничен премин. Ќе отвори можности за развој на туризмот во овој благословен регион каде што се среќаваат три земји на две езера и се стреми да стане единствена дестинација од европски размери. Можности за соработка во заштитата на уникатната животна средина, биодиверзитетот и пејзажот на Преспа и на крајот одржлив развој и територијална кохезија во еден од најчувствителните, најубавите, но и најсиромашните региони на Европа, подвлекува Стергиу.
Насмевки и на другата стана од Преспа
Веста за повторното отворање на преминот донесе насмевки и во соседниот Ресен, а градоначалникот на градот Јован Тозиевски говори за „историски момент“, проценувајќи дека повторното поврзување ќе даде поттик во многу сектори.
-Оваа разврска ќе донесе напредок во економијата, туризмот, културата, земјоделството и транзитот, нагласува градоначалникот на Ресен говорејќи за АНА-МПА.
Смета и дека туризмот е само еден од многуте сектори што од кои ќе имаат придобивка и двете страни.
– Туризмот е само една од причините. Очекуваме нови инвестиции и од двете страни. Некој можеби ќе се заинтересира да инвестира не само во туризмот, туку и во земјоделското производство. Ако ги олесниме условите за инвестиции во јаболка, грав или други активности, сè е можно, вели тој, а кога ја забележуваме значката во форма на јаболко на неговиот ревер, објаснува дека производството на јаболка покрива околу 90 отсто од економската активност во неговиот регион.
– Имаме и неколку фабрики, а има и туризам, но сè уште не е развиен на високо ниво, истакнува.
И новинарот Сашко Голов, кој во минатите денови беше на грчката страна од Преспа, смета дека ќе постојат придобивки за жителите и од двете страни.
– Овој граничен премин ќе им помогне на двете страни од границата. Опкружени сме со прекрасна природна средина. Има туристи кои ги посетуваат и едната и другата страна и ќе можат да се движат многу полесно, без да треба да патуваат речиси два часа за да преминат од другата страна. Но, тоа ќе биде корисно и за жителите на двата региона. Ова е важна разврска, објаснува Голов, говорејќи за АНА-МПА.
Преспа, од сеќавањата на Алексиос Цикос до новата ера на соработка и развој, е повикана да „оживее“ како место за средба на култури, луѓе и природни убавини – со надеж дека животот таму повторно ќе го најде својот стар, сладок ритам.