
Во време кога македонската политика со години се движеше помеѓу постојани отстапки и симулација на реформи, особено во ерата на Заев и Ковачевски, појавата на јасна, недвосмислена и цврста државничка позиција беше повеќе од неопходна за оваа држава. Токму таквата појава ја гледаме последнава година и половина кога имаме јасна промена на политичкиот курс на владата, од сервилност кон одбрана на македонските позиции.
Во овој период премиерот Мицкоски јасно настапува со реторика што се темели на три клучни столба: заштита на македонските национални интереси, задржување на курсот кон целосното постигнување на изворните европски вредности и усогласеност со политиките на македонскиот стратешки партнер, Соединетите Американски Држави. Овие три столба на политиката која што ја води актуелната македонска влада се взаемно поврзани и секое отстапување од едниот ќе предизвика импликации врз останатите.
Или во превод, Македонија не може да биде стабилен член или партнер со некого, доколку не се запазени македонските национални интереси. Беспредметно е Македонија да претендира за членство во ЕУ доколку се нарушени изворните европски вредности од самата ЕУ. Македонското партнерство и аспирации за членство не се засноваат само на гола форма, туку на јасно дефинирана супстанца содржана во македонскиот идентитет и европските вредности.
Токму затоа ставовите кои што Христијан Мицкоски ги артикулира во неговиот премиерски мандат не треба да се читаат како некаков „национализам“ или „евроскептицизам“, како што тоа го прават неговите критичари и опоненти. Овие ставови треба да се поимаат како јасен обид за враќање на изгубениот политички и државен компас. Компас кој што ја покажува насоката која во себе содржи две компатибилни компоненти, македонскиот идентитет и европските вредности.
Од тие причини, на почетоков на годинава е особено интересно да се анализираат позициите на премиерот кои што се однесуваат на чекорите што ќе следат во 2026 година.
Во неговото прво интервју годинава, Мицкоски настапи со реторика која што ги детерминираше клучните правци на делување во 2026. Првиот правец е стабилизирањето на политичкиот систем преку укинувањето на техничката влада. Вториот е ревизија на импровизациите во кривичниот закон донесени од парламентарното мнозинство на СДСМ и ДУИ. Третиот правец е континуитет на она што веќе го гледаме, цврст и непопустлив став кон Бугарија во однос на притисоците и блокадите поврзани со европските интеграции на Македонија.
Најавата за лидерска средба со цел укинување на техничката влада претставува повик за политички консензус.
„Техничката влада од Пржино“ е изживеан модел кој што повеќе произведува парализа на општеството отколку движење на суштествените процеси. Техничките влади, наменети како привремен механизам за изборна транзиција, со текот на времето станаа удобна зона во која никој не носеше вистинска одговорност, а сите меѓусебно си ја префрлаа вината.
Пржинската влада е неуставна форма договорена под политички притисок и уцени надвор од законодавниот дом на државата. Таа е плод на едно време и договор на партиските лидери од тоа време со цел да се премостат и дисквалификуваат Уставот и законите на македонската држава заради промена на власта.
„Пржинската влада“ не и доликува на една земја членка на НАТО. Ваквата влада не е решение за демократијата во една земја која претендира да стане членка на ЕУ. Таквата влада веќе се претвори само во изговор, недефинирана одговорност, како и стимулирање и легитимирање на сите потенцијални изборни нерегуларности. Тоа е токму спротивното на она за што и беше предвидена. Затоа, „Пржинската влада“, како надмината форма во демократските процеси во Македонија, треба да биде напуштена како сенка од минатото и симбол на воведувањето на „заевизмот“ како модел на владеење.
Не зачудува експресното одбивање на Филипче да се состане со Мицкоски и да разговара на оваа тема. Неговите аргументи се крајно несериозни и провидни и недостојни за коментар и анализа. „Пржинската влада“ им одговара на губитниците, на оние кои што немаат поддршка во народот и на оние кои што бараат начин да ги заобиколат правилата на функционирање на една демократија. Така беше во 2016 година, така беше во 2020 и 2024. Така се надеваат дека ќе биде и на следните парламентарни избори, а оваа влада ја доживуваат како сламка за спасување.
Од тие причини, воопшто не изненадува фактот што Филипче, уште во првото свое појавување пред јавноста оваа година, јасно посочи дека техничката влада, симболот на „заевизмот“, мора да остане. Во отсуство на понуда на политики кои што можат да го привлечат вниманието на јавноста и да ја придобијат довербата на гласачите, единствениот адут кој што останува во рацете на Филипче за евентуално соборување на власта е деструкцијата која што ќе има можност да ја применува преку сопствените министри во идната техничка влада. Толку, ништо повеќе!
Втората поента од интервјуто на Мицкоски се однесува на измените во Кривичниот законик кои се доживуваат како примена на селективна правда. Тоа е една од најострите линии на напад на премиерот Мицкоски насочена кон СДСМ. За измените на Кривичниот законик, донесени од претходното парламентарно мнозинство, Мицкоски со право тврди дека тие овозможиле фактичка амнестија за високи функционери од СДСМ и ДУИ, со што правдата била подредена на политички интереси.
Овој аргумент е сосема логичен и наоѓа плодна почва во јавноста. Со промените на Кривичниот законик се амнестираат од кривичен прогон најголемиот дел од криминалите на поедини функционери од минатата власт, кои заради застареност на делата остануваат недопирливи.
Оние што денес зборуваат за европски стандарди и притискаат за уставни промени без никаква гаранција, намерно забораваат дека ниту една европска држава не гради владеење на правото преку селективна правда. Соочувањето со одговорноста за сторените кривични дела и криминали, не претставува реваншизам, туку правда. Тоа е клучната разлика во поимањето на правото и правдата меѓу едните и другите.
Доаѓаме до третата поента, односите со соседна Бугарија. Ова прашање е можеби најважната и најголемата разлика меѓу оваа и претходните влади на СДСМ. За првпат по долго време, Македонија не се објаснува, не се правда и не прифаќа понижувачки формулации. Мицкоски во сите свои премиерски изјави вели дека македонскиот јазик и идентитет не се тема за преговори, нешто кое што постојано беше на маса и предмет на разговори, усогласувања и договарање меѓу владите на Заев и Ковачевски со бугарската страна.
Тезата дека секое „не“ кон Софија е автоматско „не“ и кон Европската унија е неточна и злонамерна. Европа не е клуб на нации без идентитет, туку заедница на држави што знаат кои се и што се. Ако условот за европската иднина е откажување од сопственото историско и културно постоење, тогаш проблемот не е во Македонија, туку во самата логика на проширувањето на ЕУ.
Доставувањето на Акцискиот план за малцинствата од страна на Македонија, како најсвеж пример, беше класичен чин на одговорност и посветеност кон исполнувањето на европските вредности… ако сѐ уште ги има во ЕУ?! Но кога и таа добра волја беше пречекана со нови условувања и навредливи формулации, се потврди сета претпазливост и сите тези на актуелната влада дека бугарските апетити нема да запрат само на промена на Уставот. Правилен е заклучокот на Мицкоски дека ако еднаш се прифати редефинирање на јазикот, утре ќе следи редефинирање на историјата, а задутре и на народот.
Што може да се заклучи од сето ова?
Политиката на македонската влада и премиерот Мицкоски за 2026 година е јасна, гласна, идеолошки и национално конзистентна. Таа нуди чувство на цврстина, политичка волја за поправање на внатрешните слабости и системски импровизации, но во исто време нуди и исправање на „историските неправди“ и враќање на достоинството.
Во нашиов случај, не е прашањето дали Филипче ќе седне на лидерска за да заедно со Мицкоски го ампутираат пржинскиот експеримент. Прашањето не е ниту дали Филипче ќе учествува во креирање на закони кои ќе ја штитат државата и народот од криминали и корупција. Не е ни прашање дали Филипче ќе застане рамо до рамо со Мицкоски во одбраната на македонските црвени линии.
За сето ова актуелната влада има исклучително силна подршка и стабилен партнер во македонскиот народ, македонските граѓани и севкупната македонска политичка номенклатура. Актуелната влада има доволна политичка сила и без Филипче да ги брани интересеите на народот и граѓаните, исто онака како што СДСМ работеше спротивно и самата прифаќаше преговарачки рамки и обврски за уставни измени, без да го има потребното двотретинско мнозинство.
Во нашиов случај се поставува едно многу, многу поважно прашање од учеството на се помалку релевантниот СДСМ.
Дали Мицкоски треба да го пресече гордиевиот јазол и да ја врати земјата во нормала во однос на сите погоре споменати прашања… со или без СДСМ?
Сметаме дека треба!

Македонски




