Skip to main content

Претседателот на Европскиот совет в четврток во Скопје

 Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, ќе ја започне својата официјална турнеја низ Западен Балкан во вторник, 13 мај, со посета на Србија, каде што ќе се сретне со претседателот на Србија, Александар Вучиќ, премиерот Ѓуро Мацут и членови на Народното собрание, јави дописникот на МИА од Белград.

Кошта доаѓа во Белград во рамките на турнејата низ Западен Балкан, а по средбата, Вучиќ и Кошта ќе одржат прес-конференција, соопшти Европскиот совет.


Како што е наведено, целта на посетата на Западен Балкан е да се потврди посветеноста на ЕУ кон регионот и да се биде коорганизатор на шестиот самит на европската политичка заедница во Тирана, што се одржува на 16 мај.

Како што најави Европскиот совет, Кошта ќе ја нагласи важноста од понатамошно зајакнување на обновениот моментум во процесот на проширување и односите меѓу ЕУ и Западен Балкан.

„Зајакнувањето на соработката со Западен Балкан е врвен политички приоритет за ЕУ ​​и за мене лично. Го посетувам регионот за да разговарам со лидерите за постојаните предизвици и да покажам дека ЕУ е подготвена да помогне. Постои јасен моментум за проширување; но моментумот бара посветеност и имплементација“.

Посетата на регионот започнува со посета на Белград, а истиот ден, Кошта ќе отпатува за Сараево, каде што ќе се обрати на војниците на ЕУФОР Алтеа и ќе се сретне со членовите на Претседателството на Босна и Херцеговина. 

Кошта в среда ќе ги посети Подгорица и Приштина, а на 15 мај претпладнето ќе биде во Скопје и подоцна во денот во Тирана.

Кошта ќе биде коорганизатор на шестиот самит на Европската политичка заедница (ЕПС) во Тирана, што ги обединува земјите од европскиот континент и обезбедува платформа за подлабока политичка координација.

Темата на тој самит е „Нова Европа во Новиот свет: Единство – Соработка – Заедничко дејствување“, со фокус на безбедноста. 

Поврзани вести