Skip to main content
Во Македонскиот КИЦ во Софија отворена  изложбата „Простори на конјункција“ - кураторски проект на Националната галерија на Македонија

Пејковски: Македонија не само што се претстави пред бугарската јавност – таа се вкорени како културен субјект што зборува преку уметноста

Во Македонскиот културно-информативен центар во Софија вчера е отворена  изложбата „Простори на конјункција“ – кураторски проект на Националната галерија на Македонија, на која се претставени дваесет македонски уметници – „секој со свој уникатен визуелен ракопис, внатрешен универзум и аналитичка сила“.  Како што соопшти МКИЦ, нивните дела не се само естетски објекти – „тие се простори на дијалог, на сеќавање, на отпор и разбирање.

-Преку медиуми како графика, фотографија, видео-арт, колаж, инсталација и цртеж, изложбата го трасира патот на македонската уметност низ современите прашања на идентитет, историја, тело, меморија, миграција и граници. Со оваа изложба, Македонија не само што се претстави пред бугарската јавност – таа се вкорени како културен субјект што зборува преку уметноста, што гради идентитет не само во политички или историски рамки, туку преку формата на уметничкиот израз, преку етичката сила на современиот визуелен јазик. Настанот не беше само културна манифестација – тој беше чин на уметничко сведочење, на прекугранична духовна размена, на градење мостови преку моќта на сликата, симболот, гестот и мислата, информира Центарот за изложбата која ја отворил директорот Зоран Пејковски.

На настанот се обратиле и директорот на Националната галерија на Македонија, Али Синани, и одговорните за проектот – виш кустос Маја Крстевска и  кустосот  Горанчо Ѓорѓиевски, на кои директорот Пејковски им доделил благодарници „Мостови на културата“ по повод 20-годишнината од Македонскиот КИЦ во Софија и „како симбол на признание за нивната посветеност, визија и ангажман во претставувањето на македонската уметност пред меѓународната публика“. 

Се обратиле и директорката на Државниот културен институт на Бугарија – Снежана Јовева  и македонската амбасадорка во Софија – Агнеза Руси-Поповска.

-„Простори на конјункција“ не е само изложба. Таа е територија на соочување, на препознавање, на поврзување. Таа е повик да не бидеме само гледачи, туку учесници во процесот на уметничко создавање, на критичко размислување, на културно градење. Таа нè повикува да ги изградиме мостовите не само како симболи, туку како живи патишта низ кои духот на едно време може да се движи, да комуницира, да се трансформира. Во едно време на фрагментирани реалности, македонската уметност, како што ја видовме во Софија, го носи потенцијалот да биде токму тоа: мост меѓу луѓето, културите, сенките и светлината на човечкото постоење, се наведува во соопштението на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. 

Поврзани вести