
Јанис никогаш не ја заборава Сеполиа, не заборава каде порасна, каде првпат играше кошарка на маалското (импровизирано) игралиште со само еден кош, е најчестиот коментар од жителите на атинската населба каде што пораснаа браќата Адетокумбо, додека се сеќаваат на детството на еден од најдобрите играчи во историјата на НБА лигата.

Јанис, Танасис и Костас Адетокумбо се дел од кошаркарската репрезентацијата на Грција, која на Европското првенство минатата недела го освои третото место.
„Тројцата браќа од Сеполиа“ – напиша на социјалните мрежи Костас објавувајќи две фотографии: едната од нивното детство во домот во Сеполиа, втората, од соблекувалната во Рига по освојувањето на бронзениот медал.

Првиот дом на семејството Адетокумбо, Вероника и Чарлс, мигранти од Нигерија и нивните четири деца, Танасис, Јанис, Костас и Алекс, беше во Сеполиа, каде што живееа во сиромашни услови и на работ на егзистенција, паралелно борејќи се со грчката бирократија, со оглед на тоа што децата, иако сите родени во Грција, долги години беа без државјанство.

Дописничката на МИА од Атина ја посети Сеполиа малата, густо населена мултикултурна населба на околу пет километри од центарот на градот, што не нуди луксуз, ниту пак важи за елитен кварт, но веќе е синоним за Јанис и симбол на упорноста, надежта, спортскиот дух и доказ дека сепак соништата стануваат реалност.

Кошаркарските терени, сега веќе реновирани, со мурал на Јанис, графитот во непосредна близина со браќата Адетокумбо, маалското кафуле „Кивотос“ што се наоѓа од спротивната страна на терените, како и црквата Свети Мелетиј, каде што бил крштеван, се местата директно поврзани со детството на Јанис.
При новинарска репортажа, граѓаните доста често тешко се нафаќаат да дадат коментар за темата на која работи новинарот, но овој пат, во Сеполиа, е поразлично, репортажата е за Јанис, за нивниот Јанис и нема одбивање, сите веднаш се насмевнуваат и почнуваат да раскажуваат.
Горди се што „бронзените“ од Евробаскетот Јанис, Танасис и Костас, заедно со нивното семејство се токму од нивната населба, но и горди се и што Адетокумбо никогаш не ја заборавија Сеполиа.
Нашата прва станица е „Кивотос“ кафулето на Јанис Ѕикас и неговата сопруга Кети, што постои веќе 25 години, а би можело слободно да се нарече музеј на Јанис.

Се наоѓа спроти кошаркарските терени, а сопствениците не се само фанови на Јанис и на кошарката, тие се и блиски пријатели со семејството Адетокумбо, врска што сè уште трае, иако повеќе не живеат во Сеполиа.

„Кивотос“ што во превод значи арка, ковчег, е кафуле во стар, дрвен стил со посебна магија.
Ѕидот зад малиот шанк е исполнет со дресови на грчката репрезентација и фотографии од Јанис.

– Ќе сакате кусо да поразговараме за Јанис? Нема да ве задржувам многу, да ми кажете две-три работи, го прашуваме господин Ѕикас.
– За Јанис можам да ви зборувам и една седмица, без прекин и пак да не завршам, ни одговара сопственикот на кафулето и со задоволство прифаќа да раскаже како тој доживеал „детето-феномен“.

Вели дека до 2013 година, пред заминувањето на Јанис во НБА, му го знае целиот живот, не само на него, туку и на Танасис и на целото семејство, а последен пат се виделе пред Европското првенство што се одржа од 27 август до 14 септември.
– Пред сè доаѓа да ме види. Од 2018-2019 година има многу обврски, но сепак доаѓа. Многу добро дете е. Едноставен, мирен. Но, сега постојано има обезбедување заедно со него, не го сака тоа, но мора. Од Американците е. Нивен производ е и мора да го заштитат, објаснува Ѕикас.
До 2013 година го гледал речиси секојдневно, а пред да замине за Америка, Ѕикас и неговата сопруга го поканиле целото семејство кај нив дома на ручек.

За детството на Јанис коментира дека било живо дете, постојано со баскет в рака, нешто што го сведочат и останатите во населбата кои го паметат како мал.
– Уште од мали, Јанис и Танасис постојано беа со топка во рака, цело време играа кошарка. Костас и Алекс тогаш беа многу мали, но Јанис беше единствениот од четворицата кој напорно тренираше и многу се трудеше, објаснува сопственикот на кафулето.

Во однос на тоа дали уште од тогаш бил забележлив неговиот талент, Ѕикас коментира дека ниту некој го виде талентот, ниту очекуваше да стигне толку далеку, бидејќи доаѓале претставници на големи грчки клубови, но никој не покажал интерес, а кога го видел помошник тренер на Олимпијакос, на крајот го одбиле.
Ѕикас е љубител на кошарката, нема пропуштено натпревар на Јанис, а кога е во можност, доста често го бодри и од трибините, како што било случај пред три години кога бил во САД за да ги гледа Бакс, останал 12 дена без да го информира Јанис и вели: „верувале или не ме виде во самата сала додека бев на трибините“, додека пак во 2014 година присуствувал на светското првенство.

– Овде е првиот негов дрес со репрезентација од 2014 година, кога имаше 19 години, тогаш беше и многу слаб. На светското првенство во Шпанија. Во 2014 година неговото семејство не можеше да биде со него на натпреварите, па така отидовме јас и сопругата, отидовме два дена порано и бевме во истиот хотел. Пред сè, отидовме за морална поддршка, да има еден негов близок човек таму, објаснува господин Јанис додека раскажува покажувајќи ги фотографиите од тогаш, но и дресот закачен над шанкот.
Сепак, признава дека оној кој му е најдраг е дресот од Ол стар натпреварот во Лос Анџелес во 2018 година, кој му го дал лично Јанис и затоа има и централно место во кафулето.

Семејството Адетокумбо, како што објаснува Ѕикас, заминале од Сеполиа, откако сопственикот на малиот подрумски стан им ја зголемил киријата за 50 евра, износ што во тој период бил голем, а поминале „лоши времиња беа, некогаш немаа ни да јадат“.
– Јанис остана ист, не се смени, иако некои работи, кои ги споменавме претходно, принудно се сменија во неговиот живот, коментира Ѕикас и го потврдува она што е „јавна тајна“ во населбата, помага, им помага на сите, но не сака публицитет, нагласува Ѕикас.
Разговорот за Јанис, со сопственикот на кафулето го завршуваме со сосема друга тема, господинот Ѕикас се осврнува на Охрид, бидејќи доста често го посетува, говори за убавините и не потсетува дека е „градот на 365 цркви“.

Штом се помине главната улица на којашто се наоѓа „Кивотос“ се големите кошаркарски терени, реновирани пред неколку години, а подот на едниот е со мурал од Јанис, во чест на неговите почетоци токму на тоа игралиште.

Авторот, мурал и графити артистот Same84 стои и зад муралот што е и заштитен знак на Сеполиа-браќата Адетокумбо на страничниот ѕид од високата зграда веднаш до кошаркарските терени и натписот: „We are all Bros“.

Во непосредна близина е и еден минимаркет, а сопственикот со насмевка вели дека го памети „Јанис Џуниор“, како живо дете со голема волја да стигне онаму каде што е денес.
– Паметам дека беше од многу сиромашно семејство. Доаѓаше да игра кошарка со неговите двајца браќа. Јанис тренираше напорно и стигна до каде што стигна, бидејќи многу го посакуваше тоа. Освен талент, имаше и волја. Она што можам да ви кажам дека Јанис ги направи горд сите Грци. Никогаш не заборави од каде започна. Толку е добар и чувствителен. Им има помогнато на многу деца од населбава, на оние што им требаше помош за лекување, раскажува Григорис, сопственикот на малата продавничка.

Дека Јанис бил добро и живо дете, потврдуваат и жители на населбата, кои го паметат како „момчето со баскетот“.
– Со топката постојано трчаше и играше, весело, харизматично дете. Многу се радуваме на неговиот успех, наше дете е, ова е и наш успех, вели постара жителка на населбата.

Уште една локација во Сеполиа што е директно поврзана со Јанис е и црквата Свети Мелетиј, каде што кошаркарот, заедно со неговиот помал брат Алекс биле крстени во 2012 година.
И при секое доаѓање во неговата стара населба ја посетува црквата, но и отецот Евангелос Гканас, кој го крштевал и со кој, според многумина одржуваат контакти.

Мултикултурната Сеполиа, иако не е атрактивна атинска дестинација и не е вклучена во местата што мора да се посетат во Атина, сепак е извор на надеж дека вербата и напорната работа сепак вродуваат со плод.
МИА