
Традиционална прва планинарска акција во Кавадарци во новата година, беше реализирана, во организација на планинарско – спортскиот клуб, „Орле“ од овој град. Триесетина планинари и љубители на природата, пешачеа околу 13 километри, до месноста викана Балвански камен и се дружеа на имотот на искусниот долгогодишен планинар и поранешен претседател на клубот, Никола Минчоров, во месноста Овчка Река.
Секоја нова година ја започнуваме со оваа акција. Со добро расположение, дружење и љубов кон природата. Продолжуваме со планинарските активности во земјава и странство, нешто што континуирано и успешно го правиме веќе седумдесетина години. Наша цел е што почесто и што подолго да се престојува во природа, затоа што природата и планинарењето позитивно влијаат врз здравјето“, изјави Минчоров во изјава за МИА.
Пред акцијата, му беше оддадена почит на долгогодишниот планинар Љубен Здравески, кој почина пред некое време, а долги години, како и другите членови на „Орле“, беше промотор на планинарството и здравиот начин на живот.

Македонски




