
Дарио Ивановски и Адријана Поп Арсова се победници на денешното 9. издание на „HalkEco Скопје Трча 10 км“, на која учествуваа околу 1700 тркачи.
Како што соопштија организаторите, Ивановски патеката ја истрча со време 30:59 минути. Второто место му припадна на Муџахид Мислими, со време 32:22 минути, а третото на Димитар Илиев, со време на трчање од 32:35 минути.
Во женска конкуренција, најбрзата, Поп Арсова оствари време 35:35 минути, второто место го зеде Билсерин Сулејман со 35:58 минути, на третото место заврши Невена Јовановиќ со 36:58 минути.
-Во категоријата учесници со телесен инвалидитет, која беше новина на годинешново издание на трката, од вкупно 12 пријавени, победници се Габриела Стојановиќ во женска конкуренција со време 59:28 минути и Зоран Јовановски во машка конкуренција со време 01:06:21. Второто место во женска конкуренција со време 01:10:42 го освои Јелена Трајковиќ, а Елизабета Симева Јовановска беше трета со освоено време 01:14:20. Александар Јовановски со време 01:11:56 го освои второто место, а со време 01:12:45 третото место му припадна на Шукри Мемеди, појаснуваат во соопштението.

Трката почна и заврши пред фонтаната „Лотос“, а 10 км долгата патека по која се трчаше беше по булеварот „Илинден“ и по дел од булеварот „Партизански Одреди“.
-Трката се одржа со цел да се промовира активен и здрав живот, како и инклузивност во спортот, а настанот ја зацврсти својата позиција како еден од најзначајните спортски настани во регионот. И годинешново 9.издание на HalkEco Скопје Трча 10 км не беше само спортски настан, туку и важен момент за афирмирање на спортот и инклузивноста во општеството. Учеството на голем број тркачи, вклучувајќи и лица со телесен инвалидитет, ја нагласија важноста на овој настан како средство за социјална интеграција и промоција на здравиот начин на живот, потенцираат во соопштението.
Настанот е организиран од Сојузот на Спортови на Скопје, во соработка со А.К. Скопски Маратон и А.К. Работнички.