
Висока делегација на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), предводена од претседателот Масар Омерагиќ учествува денеска на 76. редовен Конгрес на Светската фудбалска федерација (ФИФА) во канадскиот град Ванкувер.
Во објава на социјалните мрежи, Омерагиќ посочи дека македонската делегација, во чиј состав се и генералниот секретар Леонид Јандреоски и спортскиот директор Горан Пандев, активно учествува во носењето одлуки кои директно влијаат врз иднината на светскиот фудбал.
„Нашето присуство значи активно учество во креирањето на иднината на фудбалот и зајакнување на соработката на меѓународно ниво“, истакна Омерагиќ на својот Фејсбук профил.
Во фокусот на Конгресот на ФИФА се финансиската стабилност и развојните политики, усвојување на извештаите за минатата година, дефинирање на буџетите за циклусот 2027-2030, како и клучни прашања за управувањето и интегритетот на фудбалот.

Македонски


