Skip to main content

На поранешниот претседател на ФИФА уште му се суди за корупција

– Поранешниот претседател на ФИФА, Сеп Блатер, со нетрпение очекува да го расчисти своето име на новото судско рочиште под обвинение дека вршел коруптивни плаќања на легендарниот француски фудбалер, а подоцна и шеф на европската централа на УЕФА, Мишел Платини.

Блатер, кој беше претседател на ФИФА од 1998 до 2015 година, во денешно интервју, цитирано од западните медиуми, изјави дека е невин и дека е жртва на „лов на вештерки“, но и дека одговорните мора да бидат пронајдени.

И Блатер и Платини беа ослободени во 2022 година од швајцарски суд по седумгодишна истрага за исплата на 2 милиони швајцарски франци од ФИФА на претседателот на УЕФА. Сепак, оваа одлука беше оспорена од швајцарските обвинители, а сега жалбата на обвинителството повторно е на дневен ред на втор степен, што доведе до нови рочишта.

-Федералниот кривичен суд во 2022 година прогласи дека договорот меѓу Платини и мене е правилен и очекувам судот да ја потврди оваа одлука на втор степен, изјави Блатер (88), додавајќи дека жалбата е „апсолутна глупост“, но е процедурална и треба да помине.

Поранешниот прв човек на светскиот фудбал додаде дека се работи за „лов на вештерки“ против него, и се чувствува како жртва на одмазда.

Случајот се однесува на исплата на ФИФА на Платини кога тој беше шеф на УЕФА во 2011 година, со одобрение на Блатер, за работа извршена 10 години претходно. Потоа, за време на судењето во 2022 година, судијата објави дека исплатата била извршена според „џентлменски договор“ за консултантска работа помеѓу 1998 и 2002 година. По што истиот судија изрази сериозни сомневања за тврдењето на обвинителството дека се работи за измама.

-Плаќањето е извршено врз основа на договор и првостепената пресуда го призна и се согласи. Договорот беше правилно извршен и немаше поткуп, рече Блатер.

Постапката која ќе се одвива во вонредниот апелационен совет на швајцарскиот кривичен суд ќе започне во Мутенц, во близина на Базел, во понеделник на 3 март, а пресудата се очекува да биде донесена на 25 март.

Самиот Платини – трикратен најдобар фудбалер во Европа во текот на неговата натпреварувачка кариера, преку својот адвокат Доминик Нелен негира какви било коруптивни практики во односите меѓу двајцата претседатели на фудбалските федерации.

Блатер се осврна и на други актуелни теми, пред сè на форматот на актуелното Светско првенство. Последното Светско првенство се одржа со 32 селекции во Катар пред три години, а на турнирот следната година во САД, Канада и Мексико ќе учествуваат 48 селекции.

-Премногу екипи, а тоа го намалува квалитетот на натпреварите, вредноста на самото првенство. 32 тима е оптимална опција за навистина голем шампионат, порача 88-годишниот Швајцарец.