Skip to main content

Ешли Јанг ја заврши кариерата

Поранешниот англиски репрезентативец и фудбалер на Ипсвич, Ешли Јанг, објави денеска крај на својата кариера.

„Тоа беше патување за кое сонував како момче, но дури и тој сон мора да заврши и в сабота ќе го одиграм мојот последен натпревар во кариерата“, напиша Јанг на социјалните мрежи.

Јанг се мачеше со повреди оваа сезона и одигра само 13 натпревари за Ипсвич, од кои на десет влезе од клупата за резерви.

Ипсвич во моментов е втор на табелата во Чемпионшип, место кое води директно во Премиер лигата, и утре ќе го пречека Квинс Парк Ренџерс во последното коло.

„Знаев дека ќе морам да ја донесам оваа одлука во одреден момент. Не станувам помлад и моето тело почнува да ми кажува. Можноста да си заминам под мои услови е главната работа во таа одлука. Знам дека сега го објавив тоа, но, што се однесува до мене, мојот фокус е исклучиво на враќањето на Ипсвич во Премиер лигата“, изјави Јанг за Скај Спортс.

Јанг ја почна кариерата во Ватфорд во 2003 година, а потоа играше за Астон Вила, Манчестер Јунајтед, Интер и Евертон.

Со Манчестер јунајтед ги освои Премиер лигата, Лига Европа, ФА купот и Лига купот, како и титулата во Серија А со Интер.

За англиската репрезентација дебитираше во 2007 година и одигра 37 натпревари, постигнувајќи седум голови.