Skip to main content

Беше дел од легендарната генерација на Порто: Почина славниот португалски фудбалер Хорхе Коста

X / FC Porto

Нова трагедија го погоди португалскиот фудбал. Хорхе Коста, менаџерот на Порто и поранешен славен фудбалер, почина на 53-годишна возраст откако доживеал срцев удар додека бил во тренинг-центарот на „Змејовите“ во Оливал, објавуваат португалски медиуми.

Откако се онесвестил, тој бил итно префрлен во болницата Сао Жоао во сериозна состојба, но ништо не можело да се направи за да му се спаси животот.

Коста почнал да се чувствува лошо во текот на утрото, а откако ја изгубил свеста, бил лекуван на лице место од страна на клупските лекари, кои користеле дефибрилатор сè додека не пристигнала Националната служба за итна медицинска помош (INEM) за да го транспортира со амбулантно возило до болница.

Непосреднонпред тоа, Хорхе Коста дал интервју за „SportTV“ кога се почувствувал лошо. Менаџерот се пожалил на интензивната жештина неколку пати во текот на утрото. Не му било прв пат да доживее ваква епизода. Тој веќе имал сличен срцев проблем во 2022 година, но преживеал.

Коста изгради кариера како дефанзивец со карактер во текот на своите играчки денови. Тој ја освои Лигата на шампионите во 2004 година, неговото најголемо професионално достигнување, покрај Купот на УЕФА и осум титули во португалското првенство. Во 2024 година, тој се врати во Порто како менаџер по долгата кариера како тренер која го однесе во бројни клубови и тимови во различни земји.